Папата: Мудреците препознале дека Божјите критериуми се многу поразлични од човечките

Детето родено во Витлеем од Дева Марија дојде не само заради Израелскиот народ кој го претставуваат витлеемските пастири, туку исто така и поради целокупното човештво чии претставници се мудреците – истакна Светиот Отец во хомилијата на светата Литургија во Ватиканската базилика на празникот Богојавление, 6 јануари. Според традицијата, мудреците биде ѕвездознанци, проучувачи на небото; во чиј културолошки контекст се верувало дека ѕвездите влијаат врз животот на луѓето. Мудреците претставуваат луѓе кои преку различни религии и филозофии трагаат за Бог и чие трагање никогаш не престанува – објасни Папата, додавајќи:

Тие ни го покажуваат патот по кој треба да одиме. Следејќи ја светлината на ѕвездата ја нашле вистинската Светлина. Започнале потрага по Бог. Гледајќи ја ѕвездата како знак, толкувајќи ја трганале на пат. Светиот Дух ги повикал и ги поттикнал да појдат на пат и на тој пат ќе дојде до нивна лична средба со вистинскиот Бог. Се упатиле кон ерусалимскиот царски двор затоа што мислеле дека новиот Цар се родил токму таму. Меѓутоа ја изгубиле од видик ѕвездата, што понекогаш се случува – признава Светиот Отец. Тогаш се нашле пред ѓаволската лага: царот Ирод е заинтересиран за Детето, но не за да Му се поклони (како што кажал), туку да Го отстрани. Кога човек може да види околу себе само ривали. На крајот како ривал – и тоа најопасниот – го доживува и самиот Бог.

На царскиот двор мудреците се наоѓаат во темнина, во сувост која успеваат да ја надминат благодарение на упатствата од Светиот Дух Кој зборува преку пророштвата во Светото Писмо. Според тие пророштва, Месијата треба да се роди во Витлеем, Давидовиот град. Повторно ја пронашле ѕвездата која многу ги израдувала. Доаѓајќи во Витлеем го наоѓаат Детето со Марија, Неговата мајка. По искушението во Ерусалим, следува друго големо искушение: да ја одбијат (царската) маленкост. Сепак тие Му се поклонија, понудувајќи му ги своите скапоцени и симболични дарови. Водени од Духот доаѓаат до тоа да ги препознаат Божјите критериуми, во многу различни од оние човечките – истакна Папата.

Бог не се открива во силата на овој свет, туку ни се обраќа во понизноста на Својата љубов. Дали Божјата љубов е голема? Да! Дали е моќна? – Да! Но, Божјата љубов е и понизна; и тоа многу понизна – рече Папата, додавајќи дека мудреците се модел на преобраќање кон вистинската вера, бидејќи веруваат во понизноста на Божјата љубов, а на на привидниот сјај на моќта. Во кое таинство се крие Бог? Каде може да се сретне: Околу себе гледаме војни, отфрлање на деца, мачење, трговија со оружје, трговија со луѓе… Во сите тие случувања, во нашите браќа и сестри кои заради тоа трпат е Исус. Јаслите ни предлагаат поинаков пат од магловитиот пат на светот. Станува збор за патот на понизноста на Божјата љубов, Божјото снижување, поништување. Неговата слава е сокриена во витлеемските јасли, во Крстот на Калварија, во браќата и сестрите кои трпат. Мудреците влегле во тоа таинство. Од човечка политичка пресметка преминале во подрачјето на таинството: и тоа ги довело до преобраќање – нагласи папата Фрањо.

А што е со нашето обраќање? – праша Папата и поттикна: да Го замолиме Господ да ни подели милост и да одиме по патот на преобраќањето по кој оделе мудреците; да нè штити и ослободи од искушенијата кои ни ја сокриваат ѕвездата; постојано да се прашуваме каде е ѕвездата?, кога – во среде световниот привид – ќе ја изгубиме од вид. Да молиме секогаш да можеме на нов начин да го препознаваме Неговото таинство; да не се соблазнуваме заради знакот, Дете повиено и положено во јасли; и да ја имаме понизноста на Неговата и нашата Мајка Марија да ја замолиме да ни Го покаже. Да молиме храбро да се ослободиме од сопствените илузии како што тоа го направиле мудреците и да влеземе во тајната – така нека биде! – рече на крајот Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот