Во Кастел Гандолфо, Епархијата Албано приреди концерт во чест на Папата, по повод неговиот летен престој. „Живееме во свет во кој недостасува убавина. Можноста да се собереме за ваков настан е навистина голем дар“, порача папата Лав XIV.
„Живееме во свет во кој недостасува убавина. Има толку многу проблеми, војни, конфликти, омраза, насилство, невработеност и многу други тешкотии. Можноста да се собереме за ваков настан е навистина голем дар, бидејќи нè потсетува дека постои нешто повеќе од сето тоа. Нè потсетува дека мажите и жените, кога ќе изберат, можат да се обединат за да откријат убавина која, од срце до срце, ни помага да гледаме и да го издигнеме погледот кон небото.“
Со овие зборови папата Лав XIV ги поздрави присутните во саботата вечер, 18 јули 2026 година, на крајот од концертот што се одржа во дворот на Апостолската палата во Кастел Гандолфо. Концертот го организираше Епархијата Албано како знак на блискост и љубов кон Папата за време на неговиот летен престој во градот јужно од Рим.
Да го издигнеме погледот кон небото
„Како што знаете, пред неколку месеци патував во Шпанија, а токму целта на тоа патување беше да ги издигнеме очите, нашиот поглед, кон небото. Музиката, уметноста и убавината се средства што ни помагаат да гледаме нагоре, да се движиме кон Бога и кон она што навистина е еден од најубавите аспекти на човечката личност“, продолжи Папата.
Размислувајќи за вредноста на музиката и уметноста, тој ги опиша како средства што можат да го издигнат човечкиот поглед над тешкотиите на сегашноста. Убавината, според него, е искуство што води кон Бога и ја обновува надежта.
Токму тоа се случи за време на концертот. Виолинистот Марко Рољано ја изведе Polonaise with Variations од Третиот концерт за виолина на Николо Паганини, додека пијанистката Росана Томаси Голкар, во придружба на оркестарот I Musici di Parma под диригентство на маестро Пјер Карло Орицио, ја изведе Libera fantasia e variazioni sulla Norma од Луис Бакалов, инспирирана од операта Norma на Винченцо Белини.
Папата Лав XIV најнапред им се заблагодари на музичарите.
„Од срце им благодарам на уметниците, кои длабоко ме трогнаа. Благодарам и на Епархијата Албано што ни го подари овој концерт, на сите вас што сте собрани овде, бидејќи во овие мигови на убавина навистина можевме да искусиме нешто големо: на многу начини да влеземе во она што Бог го замислил во создавањето, односно во убавината“, рече Папата.
Поздравот на бискупот на Албано
Вечерта започна со поздравен говор на бискупот на Албано, Винченцо Вива, кој го поздрави папата Лав XIV и ја истакна благодарноста на месната Црква за неговото враќање во Кастел Гандолфо.
Тој објасни дека концертот е замислен како „наш начин да кажеме благодарам и заедно да го споделиме дарот на симфониската музика“.
Осврнувајќи се на операта Norma на Белини, бискупот ги спомна и „жените и мајките кои, во многуте воени жаришта што го вознемируваат светот, заедно со своите деца и семејства ја плаќаат највисоката цена на конфликтите“.
Во нив, рече тој, се огледува надежта за „помирено утре“, во согласност со повикот за мир што папата Лав XIV постојано го повторува од почетокот на својот понтификат.
Меѓу Паганини и Белини
Концертната програма ги поврза двајцата големи претставници на италијанската музика од 19 век, Николо Паганини и Винченцо Белини. Двете дела беа обединети со својата лирска, пејачка изразност, создавајќи музичко патување во кое се испреплетоа инструменталната виртуозност и јазикот на операта.
Особено преработката на Norma, изведена само преку пијано и оркестар, го следеше патот на главната хероина од страдање кон простување и саможртва. Така личната приказна се преобрази во универзално размислување за силата на љубовта и мирот.
Како што беше наведено во програмата на концертот, делото зборува и за способноста на убавината да одекнува дури и „низ воздухот потресен од ветровите на војната“.
Тоа беше порака на надеж која, под небото на Кастел Гандолфо, тежнееше да стане универзална. Симболично, концертот заврши со проекција на ѕвездено небо на екранот што го врамуваше оркестарот.
На крајот од изведбата, Светиот Отец ги поздрави музичарите и присутните, задржувајќи се во традиционален поздрав пред да го напушти дворот на Апостолската палата.
Ватикан њуз/к.мк

