Папата Лав XIV топло ги пречека новинарите и вработените во Ватиканската Дикастерија за комуникации, заедно со нивните семејства, во срцето на Ватикан, нагласувајќи дека молитвата што ја придружува нивната секојдневна работа е она што прави вистинска разлика, дури и кога остатокот од светот можеби не го разбира тоа.
„Малку по малку почнувам да ве запознавам… ве има толку многу! Знам дека со голема посветеност работите за да ги пренесете зборовите и делата на Папата насекаде. Тоа го правите секој ден, на тивок и скромен начин. Но денес сум среќен, бидејќи имам можност да ве видам, да ве запознаам — особено во оваа семејна атмосфера, сите заедно.“
Со овие зборови Папата Лав XIV ги поздрави новинарите и вработените во Дикастеријата за комуникации, истакнувајќи: „Среќен сум што можам да поминам малку време со вас, кои ја сочинувате големата работна заедница на Дикастеријата за комуникации.“
Црквата како семејство
Папата ја изрази својата радост што средбата се одржува во „семеен формат“, додавајќи: „Црквата е семејство, семејство од семејства.“
Тој се осврна и на местото на средбата — пред Палацина Леоне XIII, првото седиште на радио-станицата на Маркони во Ватиканските градини, кое, како што рече, „нè потсетува на папата Лав XIII и неговото внимание кон средствата за општествена комуникација.“
Молитвата — срцето на комуникацијата
Папата ги пофали присутните за нивната посветеност и ги потсети на важноста на молитвата во нивното послание:
„Колку е важно нашата комуникација да биде придружена со молитва! Би рекол дека токму тоа прави голема разлика. Светот тоа можеби не го знае, можеби не го разбира — но ние го знаеме и секогаш треба да се трудиме така да правиме: да ја придружуваме нашата секојдневна работа со молитва.“
Светиот Отец потсети дека професионалците во Дикастеријата доаѓаат од различни земји, зборуваат различни јазици и извршуваат различни задачи, но „сета таа разновидност е ставена во служба на една цел: да му помогне на Папата и на Светиот Престол да ја пренесат Радосната вест на целиот свет.“
Потсетувајќи на зборовите на Свети Павле до Коринтјаните, тој додаде: „Постојат различни дарови, но ист е Духот; различни служби, но ист е Господ; различни дела, но ист е Бог, Кој го дејствува сè во секого.“
Мрежа изградена во дух на заедништво
Папата им честиташе на членовите на Дикастеријата за мрежата што ја изградиле низ годините: „Како што би рекол папата Фрањо — тоа е мрежа што излегува, што се протега меѓу Светиот Престол и светот, што се нурнува во длабочините, сè до краиштата на земјата.“
„Тоа е мрежа од луѓе — секој со свои дарови и таленти, ставени во служба на Црквата и на светот, за да ја споделат вистината и да им помогнат на луѓето да видат и да разберат — секогаш со љубов. Улогите се различни, но ниту една не е поважна од другата.“
Папата се сети и дека слушнал за нивните годишни средби во вид на едноставен пикник, велејќи: „Тоа е прекрасно — покрај работата, да умеете да делите и моменти на одмор и молитва.“
Молитва за мир и благослов
Овојпат, забележа тој, „одлучивте да го направите тоа денес, за потоа сите заедно да одите на плоштадот Свети Петар и да се молите за мир.“
На крајот, Папата Лав XIV им се заблагодари на сите и рече: „Ве благословувам со љубов, особено децата и вашите ближни кои се болни. Нека Богородица ви помогне и ги заштити вашите семејства. Ви благодарам на сите!“
Потоа ги покани сите да ја измолат молитвата „Оче наш“: „Сега, со малите и возрасните, сите знаеме дека Бог е наш Отец. Затоа, да се помолиме заедно, како што нè научи Исус.“
Ватикан њуз/к.мк