60 години од Nostra aetate: Црквата го обновува повикот за дијалог против омразата и поделбите

60 години од Nostra aetate: Црквата го обновува повикот за дијалог против омразата и поделбите

По повод 60-годишнината од соборската декларација Nostra aetate, која отвори ново поглавје во односите меѓу Католичката црква и верниците од другите религии, Дикастеријата за наука на верата, Дикастеријата за промовирање на христијанското единство и Дикастеријата за меѓурелигиски дијалог објавија заеднички документ со наслов „Патот на надежта“.

Документот, објавен на 16 септември и одобрен од папата Лав XIV на 22 јуни, повикува на спротивставување на фундаментализмот, заштита на верската слобода и градење мир во свет обележан со војни, поделби и насилство.

Nostra aetate претставуваше пресвртница во односите меѓу католиците и Евреите, како и во односот на Црквата кон другите религии. И шест децении подоцна, таа останува важна основа за меѓурелигискиот дијалог и за пасторалното делување на Црквата.

„Не“ за дискриминацијата и прогонството

Во документот се повторува ставот на Nostra aetate дека Црквата ја осудува секоја дискриминација и прогонство врз основа на раса, општествена положба или религија.

Се нагласува дека почитувањето на другите религии не може да биде искрено без почитување на верската слобода. Истовремено се предупредува и на прогоните што христијаните ги трпат во различни делови од светот.

„Секој прогон од верски причини претставува повреда на човечкото достоинство“, се наведува во документот.

Односите меѓу Евреите и христијаните

Посебно внимание е посветено на еврејско-христијанските односи. „Патот на надежта“ повторува дека Божјиот завет со еврејскиот народ е неотповиклив и дека солидарноста со Евреите подразбира борба против антисемитизмот.

Се признава дека конфликтите на Блискиот Исток оставиле последици и врз меѓурелигиските односи, поради што се повикува да се зачува меѓусебното познавање и почит изградено во изминатите децении.

Дијалог со исламот и другите религии

Документот ги наведува и плодовите од дијалогот со исламот и другите религии: пријателски односи меѓу верски водачи, заеднички образовни и социјални иницијативи и соработка во време на војни, хуманитарни трагедии и еколошки кризи.

Истовремено се предупредува на исламофобијата, особено кога не се прави јасна разлика меѓу фундаментализмот и мирниот живот на муслиманските верници кои придонесуваат во општествата во кои живеат.

Сиромашните како критериум

Како важен критериум за оценување на општествениот развој, документот го посочува односот кон сиромашните и најранливите.

Грижата за нив треба да биде мерило за исправноста на политичките, економските, општествените, културните и верските проекти.

Во текстот се предупредува дека меѓурелигиските односи се загрозени од предрасуди, политичка злоупотреба на верската припадност и насилство извршено во Божјо име.

Да се однесуваме како браќа

Дијалогот, се нагласува, не значи откажување од сопствениот идентитет. Напротив, тој претпоставува јасна свест за сопствената вера, но и искрена отвореност кон другиот.

„Не можеме да Го повикуваме Бога како Отец на сите луѓе ако одбиваме да се однесуваме како браќа кон некои луѓе создадени според Божјиот лик.“

Затоа верниците од различните религии се повикуваат да ја напуштат логиката на непријателство и освојување и да придонесуваат за мирен соживот, братство и поправедно општество.

На крајот, „Патот на надежта“ повикува верниците да бидат градители на мостови, а не на ѕидови.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот