Пишува: Протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов
1. Иван 14, 1-4
Исус вели: „Да не се плаши срцето ваше; верувајте во Бога и во Мене верувајте. Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење. А да немаше, Јас ќе ви кажев. Одам да ви приготвам место. И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам, и ќе ве земам вас при Себе за да бидете и вие каде што сум Јас. А каде одам Јас знаете, и патот го знаете“.
Поаѓајќи од овие Исусови зборови, денес Црквата односно во црковната литургија се нагласува дека во центарот на празникот Сите Свети не е смртта туку животот. Потребно е да се нагласува секогаш дека Бог ги повикува сите луѓе од сите народи и сите времиња на вечно заедништво во неговата љубов. Господ Исус Христос е откупителот на сите луѓе и Бог ги повикува сите да бидат свети.
Почитувањето на праведните се применувало од старини и во јудаизмот, а било познато како почитување на гробовите на светците. Се знае точно дека меѓу евреите биле важни два гроба, гробот на пророкот Исаија во близина на базенот Силоам и гробот на Захарија во долината Кедрон.
Христовата победа над смртта го носи учењето и сфаќањето во христијанството па денот на смртта почнал да се нарекува ден на небесно раѓање, кој особено го применувале на датумите на смртта на нивните маченици. Почитувањето на мачениците се развило уште во II век. Покрај славењето на мачениците со тек на времето меѓу христијаните како исклучителни сведоштва за верата биле истакнувани и аскетите (подвижниците), Богу посветените девици и епископите. За сфаќањето на светци и канонизацијата, како што се разбира денес, може да се зборува од 10 век. Првата официјална канонизација била за време на папата Иван XV во 993 година, кога е канонизиран светиот Улрих.
Христијаните е добро да го знаат учењето кое произлезе од Вториот ватикански собор, кое вели: – почитувањето на светителите е резултат на постојаната поврзаност меѓу земната и небесната Црква – членовите на двете, иако во различен степен и на различни начини, учествуваат во иста љубов кон Бога и ближниот и ја пеат истата песна во славењето на својот Бог.
2. Празникот или светувањето на споменот на мачениците, кој го споделувале различни цркви, почнал да се слави од IV век. Првите траги од општото празнување на сите светци за прв пат се забележани во Антиохија во неделата по Педесетница. Овој обичај се спомнува во 74-та хомилија на свети Иван Златоуст (344/347 – 407 година) и е зачуван во некои од источните цркви до денес.
Папата Григориј III (731 – 741) го премести овој празник на 1 ноември за да се совпадне со древниот келтски празник „Самхаин“ кое било одбележување на Новата година. На овој начин тој одговорил на барањата на ирските монаси, кои прославата на нова година со исклучително гозбарско однесување без суштина и духовна потпора го сметале за празнотија.
Затоа Папата го избира 1 ноември за датум кој се совпаѓа со годишнината од посветувањето на една капела во базиликата Свети Петар посветена на „светите апостоли и сите свети, маченици и исповедници и сите совршени праведници кои почиваат во мир низ целиот свет“.
Во времето на Карло Велики, празникот веќе бил исклучително проширен. Во период од сто години чествувањето на овој празник се распространува низ целата Црква така што папата Григориј IV со согласност на сите епископи издава Проглас за светување, а кралот Луј Побожниот го прогласил за заповеден празник во 835 година.
3. На Сите Свети, Католичката црква ги слави оние светци кои Црквата ги прогласила за светци, како и оние кои не се прогласени за светци, но кои со својот живот го постигнале идеалот на христијанскиот живот, а нивните души се во Царството Божјо бидејќи по нивното смртта нивната крсна облека се просветлува во Крвта на Јагнето.
Кога зборуваме за светци, светители зависи кој како ги насловува потребно е да се нагласи дека се работи за бескрајно мноштво обични луѓе, мноштвото што ни сведочи дека светоста не значи ненормалност, беспрекорност, туку полнота на човештвото. Затоа, сите христијани, од сите времиња и од сите животни околности, се повикани на светост. Како што прекрасно рече папата Бенедикт Шеснаесетти: „За да се биде свет, не е неопходно да се прават извонредни напори и дела, ниту да се поседуваат посебни харизми, туку едноставно да се служи на Христа, да се слуша и да се следи без обесхрабрување во тешките моменти. Само со Негова помош можеме да станеме светци“.
Но, како можеме да го следиме патот на светоста, да одговориме на тој повик? Можам ли да го направам тоа сам? Одговорот е јасен: светиот живот не е првенствено резултат на нашите напори, бидејќи Бог, трипати свет (спор. Исаија 6,3 »Свет, свет, свет е Господ Саваот! Целата земја е полна со Неговата слава!«), е оној што нас нè прави свети, дејството на Светиот Дух е она што нè движи од внатре, тоа е самиот живот на Воскреснатиот Христос Оној кој ни се откри и кој нè преобразува. Односно, како што вели Вториот ватикански собор: „Христовите следбеници се повикани од Бога не поради нивните дела, туку според неговиот план и благодат; оправдани во Исус Христос во крстот на верата, тие навистина се Божји деца и учесници во божествената природа и затоа се навистина осветени. Затоа, додека живеат, тие мора со Божја помош да ја одржуваат и усовршуваат светоста што ја примиле“ (Вториот ватикански собор, Dogm. Const. Lumen Gentium, 40).
Светоста својот (последен) корен го има во благодатта на крштевањето, во калемењето во Христовата велигденска тајна, со која ни се дава неговиот Дух, неговиот живот на Воскреснатиот. Св. Павле, многу силно ја истакнува преобразбата во човекот која се случува (бидува) преку крсната милост, поврзано со тоа тој кова нова терминологија која ја формулира со помош на предлогот „со“: умрени со, погребани со, воскреснати со, живееме со Христа, нашиот живот е неразделно поврзан со неговиот: „И така, ние се погребавме со Него преку крштавањето во смртта, та, како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, така и ние да одиме во обновен живот (Римјаните 6, 4).
4.
- Поврзаноста на празнувањето на Сите свети и задушница, не усмерува да размислуваме на поврзаноста меѓе празнувањето и молењето. Ги славиме светците оние што ги знаеме и ги има во црковниот литургиски календар но и многуте на кои не им ги знаеме имињата, а ги има многу. Сигурно многу ги има и оние кои чекаат на нашата молитва и на нив сите не им ги знаеме имињата. Така овие денови се меѓусебе поврзани.
- Секој верник, секоја личност, би требало во прилика на овие денови кога светуваме ден на Сите свети или наредниот Денот посветен за душите на покојните и спомнуваме наши познати: родители, деца, браќа, сестри, роднини, познати или непознати кои преминале од овој свет – да се запраша колку сме подготвени да жртвуваме од себе и свое. Да жртвуваме време да ги посетиме гробовите на покојните, да присуствуваме на пропишаните заеднички молитви за душите на покојните и она што често се заборава побожно да бидеме на света литургија и да дадеме наша накана во служењето на Божествена литургија за душата на нашите најблиски.
- Многу е важно да се подвлече и потенцира ЗАЕДНИЧКИТЕ молитви пропишани по парохиите се силата поради која Црквата Христова ги определила овие денови на посебен начин да бидат спомен денови за душите на покојните. Задушница не е ден само да се извади редот и однесе цвеќе или украсна свеќа на гробот на нашите преминати, за да не видат другите, туку силината на на заедничката молитва, на која повикува Господ Исус Христос.
- Јас лично знам повеќе примери кога домашните по испраќањето на покоен родител престануваат да се грижат за спомнување на покојниот (та) и никогаш не се сеќаваат да даруваат да се служи литургија за душата негова или нејзина. Едноставно ги обавуваат само оние молитви кои подразбираат спомнување со поканување на роднините и пријателите на одредените датуми од Црквата (40 дена, шест месеци, една година, три години) и тоа посветувајќи скоро единствено внимание на материјалното и што ќе кажат другите, а молитвениот дел, оној што е потребен на покојниот е само паралелно обавен. Знам пример со мој близок роднина кој почина, а неговите домашни три години не најдоа време да посветат една света лутургија за неговата душа. Ниту една литургија. Потоа се случија настани кои им укажаа јасно на закржлавеноста дека нивното трчање за профит е залудно.
Затоа со пророкот Исаија да повикаме заедно:„Свет, свет, свет е Господ Саваот! Целата земја е полна со Неговата слава!“ И со Соломон да признаеме: „Со Тебе е премудроста, која ги знае твоите дела, таа беше таму кога си го создавал светот, знае што е годно пред твоите очи и што е право според твоите заповеди“ (М.С. 9,9).