Папата Фрањо за првиот Светски ден на децата за тема ги избра зборовите на Исус: „Ете, сѐ ново создавам!“ (Откровение 21, 5), соопшти Дикастеријата за култура и образование.
На празникот Безгрешно зачнување на Пресвета Богородица, на 8 декември минатата година, Светиот Отец го најави одбележувањето на првиот Светски ден на децата – World Children’s Day 2024, кој ќе се одржи во Рим на 25 и 26 мај годинава. Претходно, на 6 ноември минатата година, во салата Павле VI тој се сретна со илјадници момчиња и девојчиња на возраст меѓу шест и дванаесет години, главно од Италија, заедно со групи кои претставуваат голем дел од светот. Светиот Отец сега изрази желба средбата на децата со Папата да стане редовна средба која навистина ќе ја опфати целата Црква.
Дикастеријата за култура и образование е задолжена за организацијата на Првиот светски ден на детето. Денот ќе се слави на двојно ниво: универзално, со седиште во Рим и епархиско.
Ватикан њуз/к.мк