Размислување за Тринаесетта недела по Педесетница според Евангелието од Матеј 21, 33-42
Во тринаесеттата недела по Педесетница, ја слушаме параболата за лозарите убијци (Матеј 21, 33-42). Евангелскиот дел завршува со неколку фрази од прилично остра природа: Злочинците ќе ги погуби; Царството Божјо ќе се земе од вас; И кој падне врз тој камен, ќе се разбие; а тој врз кого падне, ќе го здроби.” Ваквата тешка осуда е многу разбирлива во контекст на оваа парабола. Сепак може само да се восхитуваме на долготрпеливоста на Господарот на лозјето. Не ги уништува лозарите по нивниот прв бунт, не се одмаздува по вториот отпор, дури и полош од претходниот. Тој дури и го испраќа својот Син кај нив.
Ова е нечуено однесување кон лозарите кои беа ангажирани од домаќинот. Кој се однесува со работници толку милосрдно и со доверба, простувајќи им за повторените сериозни престапи? Кој го праќа својот синот кај убијци? Колку е голема Господовата доверба во лозарите. Тој сè уште верува дека тие ќе имаат почит кон Неговиот Син. Да, тоа е нашиот долготрпелив и многумилостив Бог.
Таквата голема доверба заслужува големи плодови. Таквата голема љубов заслужува да биде прифатена. Таквата великодушност заслужува соодветен одговор.
Но спротивно на тоа, што заслужува таков огромен бес? Ако Господарот постапуваше со лозарите според правдата, а не со милост, немаше да им биде простено ниту првиот бунт, ниту вториот, а уште повеќе немаше да биде простен последниот. Но ставот на Учителот секогаш е да се однесува со голема милост, а не само со правда. А ние често се бориме само за правда во нашите животи, а ја исклучуваме милоста. Сакаме да ги казниме суровите, немилосрдно да ги истребиме злочинците, безмилосно да ги уништиме немилосрдните. И тоа е сосема коректно и праведно за нас. Само што воопшто не е милостиво. Но Бог така не размислува. Бог ни дава време, можности, шанси да се преобратиме.
Господ дава време за милосрдието. Сепак, сѐ има свое време. Затоа што на крајот на времето, не само милоста, туку и правдата ќе биде одлучувачка за човечкиот род. Да не заборавиме Христос вели: „Царството Божјо ќе се земе од вас; И кој падне врз тој камен, ќе се разбие; а тој врз кого падне, ќе го здроби“.
Но како можеш да бидеш милостив кон некој, кој ја отфрла милоста? Како можеш да имаш милост кон некој што не прифаќа милост? Како може да биде некој во лозјето, кој не го сака неговиот плод?
к.мк