Размислување според Евангелието по Матеј 19,16-26, наменето за Дванаесетата недела по Педесетница
Во Дванаесеттата недела по Педесетница евангелското читање од Матеј 19,16-26 го привлекува вниманието на односот помеѓу материјалното и духовното добро. Тешко е за богатите да влезат во Царството Божјо, се вели во Евангелието. Со други зборови, материјалните добра го отежнуваат пристапот на човекот до духовното. Но можеме да го кажеме и спротивното, дека отсуството или недостатокот на материјални добра го олеснува пристапот до духовните добра. Во таква шема, луѓето лесно можат да се поделат во две категории: блиски и далечни од Царството Божјо, во зависност од поседувањето богатство.
Многу често го правиме тоа. Лесно е да си претпоставиме дека оние што живеат во големо изобилство, па дури и одредено преголемо изобилство, се далеку, далеку од вистината за Царството Божјо. На ист начин можеме лесно да си претпоставиме дека поголемиот дел од нашето општество, кое не живее во преголемо изобилство, а често и ние се вбројуваме во таа категорија, си замислуваме дека имаме блиски односи со Бог и Царството небесно.
Таквата имагинарна шема се храни со идејата за праведен надомест, имено за недостатоците на земниот живот, Бог ги наградува со вечниот живот.
Но, дали Христос сакаше да го каже тоа? Господ вели: „Ако сакаш да влезеш во животот, пази ги заповедите.” Не е доволно само да бидете сиромашни за да влезете во Царството Небесно. Заповедите мора да се пазат. Не е доволно само да се биде богат за да се биде одвоен од Царството. Зошто тогаш се вели дека е тешко за богатите да влезат во Царството Божјо? Затоа што е тешко да се поседуваат материјални добра, а да не се наврзуваме на нив. Полесно е да се биде нестрастен кога го нема пред нас она што нѐ искушува. Полесно, но и тешко.
Има многу сиромашни луѓе кои не поседуваат богатство, но нивното срце живее за тоа. Цел живот тие се грижат само за тоа како да се збогатат. Меѓутоа, има богати со срце ослободено од страста на среброљубието. Така, секој богат човек нека се испита себеси: Дали однесувањето со неговото богатство наликува на камила што се обидува да влезе низ иглени уши? И нека секој сиромав човек размисли дали понекогаш нема да го земе полесниот пат до Царството Божјо?
Царството небесно е за сиромашните по дух. За оние чиј дух нема ништо и никој, на ништо не е наврзан, освен на Бог. Дали сме блиску или далеку од Царството зависи од тоа дали сме близу или далеку од Бога, дали сме вистински слободни, дали сме сиромашни во духот.
В.М./к.мк