Во пладневното обраќање пред молитвата Ангел Господов, во последната недела во август, Папата ги предупреди верниците за опасностите од надворешна религиозност и дека трошењето време за обвинување ги другите е губење време. Стануваме лути, злобни и го држиме Бог подалеку од нашите срца. На овој начин се загадува светот.
Да се стави „сржта на верата“ во втор план е опасноста за која предупреди папата Фрањо во пладневното обраќање во недела 29 август 2021 година. Зборовите на Исус во Евангелието на денешната литургија можат да бидат револуционерни и за денешниот човек – истакна Папата. Фарисеите и книжниците се чудат на Исусовите ученици кои јадат леб со неизмиени раце. Ова однесување е несфатливо, бидејќи било спротивно на верската пракса од тоа време. Но, Исус не сака надворешност.
И би можеле да се запрашаме зошто Исус и неговите ученици ја занемаруваат таа традиција – забележа Светиот Отец и истакна – за него е важно да ја врати верата во нејзиниот центар (…) и да го избегне ризикот, кој важи за тие книжници, како и за нас, да се почитуваат надворешните формалности ставајќи ја сржта на верата во втор план. И ние често ја разубавуваме душата, така што постои опасност од религиозност на изгледот; да се изгледа добро однадвор, занемарувајќи го прочистувањето на срцето. (…) Но, Исус не сака надворешност, сака вера што допира до срцето – истакна Папата.
Продолжувајќи со размислувањето за одломката од Евангелието во кој Марко ги цитира зборовите на Исус: Ништо што влегува во устата на човекот однадвор, не може да го оскверни; освен она што излегува од него, од срцето на човекот излегуваат зли работи, Папата истакна дека овие зборови се револуционерни, затоа што во она време се мислело дека онечистува одредена храна или надворешен контакт. Меѓутоа, Исус ја менува перспективата; не е лошо она што доаѓа однадвор, туку она што се раѓа однатре.
Тоа се однесува и на нас – продолжи Папата. Честопати мислиме дека злото доаѓа најмногу однадвор, од однесувањето на другите, од оние што мислат лошо за нас, од општеството. Колку често ги обвинуваме другите, општеството, светот за сѐ што ни се случува! Ни изгледа дека проблемите секогаш доаѓаат однадвор. И трошиме време за распределба на вината; но тоа е губење време. Стануваме лути, злобни и го држиме Бог подалеку од нашите срца. Приговарањето труе, доведува до лутина, огорченост и тага на срцето што ја затвора вратата за Бога – предупреди Папата.
Да молиме за милост да не губиме време загадувајќи го светот со приговори бидејќи не е христијански. Да научиме од Отците на Црквата да се обвинуваме себеси, а не другите; тоа е патот што треба да научиме да го следиме за наше добро и за доброто на нашите браќа – охрабри папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк