Папата Фрањо во недела на 31 јануари во Ватикан објави дека воведува Светски ден посветен на бабите, дедовците и старите лица, кој ќе се слави секоја година во четвртата недела во јули.
Новиот светски ден, оваа година е на 25 јули и временски е близу до празникот Свети Јоаким и Ана, Исусовите баба и дедо (26 јули). Светиот Дух ги вдахновува и денес старите лица со зборови на мудрост, истакна Папата во обраќањето за време на молитвата на Ангел Господов, која се пренесуваше директно од библиотеката во Апостолската палата.
„Драги браќа и сестри, задутре, 2 февруари, ќе го прославиме празникот Сретение Господово, кога Симон и Ана, обата во поодмината возраст, просветлени од Светиот Дух, го препознаа Исус како Месија. Дури и денес, Светиот Дух на постарите лица им ги вдахновува мислите и зборовите со мудрост: нивниот глас е скапоцен затоа што му пеат пофалба на Бога и ги чуваат корените на народите.
Нè потсетуваат дека староста е дар и дека бабите и дедовците се алка што ги поврзува генерациите со цел да им го пренесат на младите искуството на животот и верата. Бабите и дедовците честопати се заборавени, а ние забораваме тоа богатство да го чуваме и да го пренесуваме коренот. Затоа, одлучив да воспоставам Светски ден на баби и дедовци и стари лица, кој ќе се слави секоја година во Црквата на четвртата недела во јули, во пресрет на празникот на светите Јоаким и Ана, бабата и дедото на Исус. Важно е бабите и дедовците да се сретнат со внуците и внуците да се сретнат со бабите и дедовците, затоа што – како што вели пророкот Јоил – бабите и дедовците ќе сонуваат пред своите внуци, ќе имаат сонови [за големи желби], а младите луѓе, земајќи сила од своите дедовци и баби ќе одат низ животот, пророкувајќи. А токму 2 февруари е празник за средба н бабите и дедовците со внуците“.
Ватикан нуз/к.мк