Проповед на епископот Стојанов за време на светата Литургија на Богојавление во парохиската црква „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица
Да бидеме попустливи кон Бога
Денес, на празникот Богојавление и Крштевањето Господово, ќе размислуваме над краткиот евангелски извештај од светиот евангелист Матеј кој го опишува овој настан со кој Исус го започнува и своето јавно дејствување (Мт 3,13-17). Гледаме дека помеѓу Исус и Иван Крстител имаше една своја дебата, затоа што Иван одбивал да го крсти Исус, кој изрично го замолил да го стори тоа. Иван знаел за возвишеноста на оној што стоел пред него и дека немал потреба од крштевање, обраќање и покора, и затоа решително одбива да го крсти. Иван го одвлекувал од таквата идеја, но тоа не помогнало. Исус едноставно решил да му пристапи на крштевањето Иваново исто како што тоа го правеле сите други луѓе, без оглед што немаше потреба за тоа. Но, така до крај на тој начин ќе ја покаже својата човечност, со што ги прифаќа сите услови на човековиот живот, и со тоа свесно се понижува пред Иван влегувајќи во водите на Јордан, или како што самиот рече: да ја исполни сета праведност! Но, од друга страна, зашто е Бог, тој ги освети со овој чин сите оние кои го следат патот на смирението, покората и преобразбата, и како што ги освети водите на Јордан, така со негова моќ водата ја добива моќта на благодатта на крштението што ја примаме ние христијаните.
Како што можеме да видиме од самиот настан, Иван беше скоро непопустлив пред Исус сè додека Исус не му рече: „Остави сега!“ Иван со причина беше непопустлив, тој не можел да поднесе да го види Синот Божји понижен до таков степен што се спуштил пред нозете на обичниот човек. Тој попуштил на големото инсистирање на Исус. Овој нивен спор, како и Ивановото попуштање, се слика и пример за непопустливост и попустливост со која и самите секојдневно се соочуваме.
Меѓутоа, за нас луѓето ни се случува да сме непопустливи кога е збор за нашата тврдоглавост. Ние не отстапуваме кога мислиме дкеа сме лично повредени, кога мислиме дека ни е нанесена штета и тогаш настапуваме непомирливо. Ние, исто така, се утврдуваме во сопствените човечки ставови и сме непопустливи кога некој ќе ни ги објави Божјите ставови, и тогаш бараме секаков можен изговор да ги оспориме. Дури сето тоа го сметаме и како сопствен квалитет кога тераме по свое, наместо разборито да расудуваме што е исправно. Така откриваме дека човекот во наше време не е во состојба да процени во што треба да биде цврст и непопустлив, а во што разборит и подготвен да се согласи. Речиси редовно сме непопустливи во својата горделивост и занесеност и не попуштаме пред Бога ни милиметар. Освен тоа, во својата ароганција и дрскост се бориме против него и неговата волја и према неговата татковска доктрина се однесуваме со најголемо невнимание. Човекот од наше време толку лесно го отстранува Бога од својот хоризонт како да е противник, а не Отец. И најлошо од сè, тој носи вакви одлуки тешки и непопустливи до тој степен што е вкоренет во злото и гревот. Кажано со други зборови, попустлив е кон злото и гревот, а непопустлив кон Бога, кој во својата татковска љубов се грижи и покажува добрина кон луѓето.
Ова важи и за секој од нас до одреден степен. Лесно дозволуваме да бидеме убедени од Злото, на чии сугестии премногу брзо попуштаме, но, затоа тешко попуштаме на Исусовите барања да се вратиме на вистинскиот пат. Додека злото сосема слободно влегува во нашите животи, дотогаш Исус се бори околу нас за да му ја отвориме вратата во нашите животи. И додека лесно дозволуваме злото и гревот да не растурат, дотогаш на Исус не му дозвоуваме да ни пристапи и да нè благослови. Така, знаеме да бидеме тврди во нашиот неприступачен став пред Исус и да не му дозволиме да нè увери и да нè омекне со моќта и аргументите на Неговата љубов. Нашата непопустливост кон Бога е доказ колку сме попустливи кон гревот, кого дозволуваме без отпор да дејствува силно врз нас и да нè оддели од Бога и неговиот живот. Од друга страна, ние не сме цврсти кога треба да градиме и негуваме карактер за Бога, а уште помалку да истраеме во страдањата и противречностите што не мачат.
Иван бил човек кој се изградил за Божјата јакост, непорочен и постојан карактер, посветен и верен во исполнувањето на Божјиот закон, а сепак попуштил пред понизноста на Исус. Притоа, со тоа и нам ни остави пат по кој треба и ние да одиме а тоа е: патот на понизноста, односно пат на попуштање пред Господа и да му овозможиме да дејствува преку нас и да го извршува делото на спасението. Затоа, Иван имаше можност додатно да учи понизност од Исус и поучен од примерот и самиот во понизност попуштил пред барањето на Исус, зачуден над неговата огромна понизност. Затоа, денес на празникот Богојавление и Христовото крштение и нам нека ни биде лекција да бидеме понизни, што се манифестира како попуштање кон Бога, кој нè убедува со својата божествена моќ како да го прифатиме целосно Исус учејќи од примерот на неговата смиреност, како што поучуваше и Иван Крстител. Да му дозволиме на Бога да влезе во нашиот живот и да му допуштиме да не поучува, затоа што со тоа го добиваме дарот на најголема цврстина и непопустливост против сите негативни влијанија што кај нас го ублажуваат нашето чувство на припадност кон Бога и нè забавуваат во процесот кон вечното спасение.
Светиот Отец папа Фрањо рече: на празникот Крштение Господово повторно го откриваме своето крштение, на чиј датум често не се сеќаваме, додека датумот на раѓањето го паметиме. Затоа повикот на папата Фрањо во пладневниот наговор, во недела на 12 јануари 2020 година, на денот кога во Сикстинската капела крсти 32 деца повика секоја година да го славиме во срцето датумот на своето крштение, затоа што тоа е – како што рече, должност на праведност кон Господ кој толку е добар кон нас. Амин.
Ватикан њуз/к.мк