Кардинал Андреј Јеом Соо-џунг во својата велигденска порака изрази страв заради последиците од неодамнешната одлука на корејскиот уставен суд за неуставноста на актуелниот закон за абортус.
И покрај различните пречки и општествени потешкотии, христијаните мора строго да ја отфрлат културата на смртта и искушенијата кои таа ги донесува – стои во велигденската порака на јужнокорејскиот кардинал Андреј Јеом Соо-џунг. Коментирајќи ја неодамнешната одлука на корејскиот Уставен суд со која актуелната забрана за абортус е прогласена за неуставна, кардиналот го повторува ставот на католичката наука која го брани животот – како што пренесува агенцијата AsiaNews, тој изразува страв заради последиците кои пресудата ќе ги остави врз корејското општествено ткиво.
Државата има одговорност да го штити животот и сигурноста на својот народ во сите околности – порачува кардиналот и додава дека на секој живот од моментот на зачнувањето треба да му биде овозможена заштита која му припаѓа на човечкото битие со неговото достоинство. Законодавците ги повикува внимателно да ги подготват измените и дополнувањата на актуелниот закон; а верниците да бидат први кои ќе го изберат животот наместо смртта.
Ние, Божјиот народ мора да му служиме на животот и да се жртвуваме за него на конкретен начин. Кога ние сами ќе одлучиме дека ќе го почитуваме секој живот онаков каков што е со сигурност ќе можеме да го искусиме воскреснатиот Господ кој живее овде меѓу нас – стои во заклучокот на пораката на кардиналот Андреј Јеом Соо-џунг
На крајот напоменуваме дека монашките заедници во Јужна Кореја исто така изразија разочараност и жалење заради одлуката на Уставниот суд, наведувајќи дека на неродените деца им се крши правото на живот. Движењето за живот во таа земја укажува пак на некои спорни аргументи наведени во пресудата меѓу кои се истакнува тврдењето дека опстанокот и развојот на ембрионот целосно зависи од мајчиното тело и заради тоа не може да се смета за одвоено и независно живо битие кое би можело да има право на живот.
Ватикан њуз/к.мк