На 4 мај 1859 година во градот Виластоне, 20 километри јужно од Торино, на патот за Џенова, се родила Еврозија Алоати, основачката на монашката заедница на сестрите Евхаристинки. Уште истиот ден, водата на светото крштeвање ја измила нејзината душа, а таа го добила името Еврозија – што означува убава роза. Така во прекрасниот месец на цвеќето, посветен на Небесната Царица Марија, таа роза процвета и нејзиниот пријатен мирис сè уште се разнесува низ Македонија и Бугарија. Илјада осумстотини педесет и деветта година била година на војни и немирно време; во сојуз со Франција и со Наполеон III, италијанскиот народ води војна против Австроунгарската монархија. Како секоја војна и оваа предизвикува слабеење на моралот меѓу народот, но семејството на Еврозија имало многу силни и непоколебливи религиски традиции, од кои не можело да ги оддалечи ниедна војна. Освен тоа, Савоја, татковината на семејството Алоати, секогаш се славела како мајка на светците. Таткото на Еврозија бил Петар Алоати, а мајката – Катерина Кико. Петар бил син на Јосиф Алоати и на Еврозија Казели од Пико Торинезе. Тие ги имале уште и овие деца: Мелхиор, Фердинанд, Наталија, Тереза и Констанца. Последната – Костанца, имала две ќерки кои станале чесни сестри. Јосиф Алоати имал фабрика за свила, но истовремено се занимавал и со земјоделие; долги години тој бил градоначалник на Виластелоне. Еврозија Казели се одликувала со својата добрина. Таа особено ја сакала својата мала внука која го носела нејзиното име, нашата Еврозија, но немала среќа да ја води по патот на добродетелите, бидејќи умрела на 72 годишна возраст во 1864 година кога нејзината внука имала само пет години. Дедото по мајка Мелхиор Кико, бил човек со искрена набожност, кој не познавал никаков човечки срам. Кога ќе ги слушнал ѕвоната на камбаната, звукот кој ги повикува верниците да ја поздрават Небесната Царица, стариот Мелхиор каде и да се наоѓал во куќата, во градот, на улица, паѓал на колена, се крстел набожно и на висок глас ги изговарал зборовите: Во името на Отецот и Синот и Духот Свет… Амин и молел нгел Господов. Неговиот пример влијаел врз оние кои биле близу до него, кои учествувале во молитвите. Во текот на целиот свој живот Мелхиор Кико постел. Само на крајот од својот живот, по совет на лекарот, тој земал по неколку лажици – телешка, кокошкина супа – како лек за неговата последна болест. Во последните триесет години од својот живот добриот и набожен Мелхиор под својот кревет го чувал својот ковчег за погреб, со неговата облека, свеќи, пари и слично. Секоја вечер, пред спиење, тој своите молитви ги кажувал пред црниот ковчег и размислувал за смртта. Тој неколку пати требало да ги замени парите зашто биле исфрлени од употреба и излегувале нови. Неговата сопруга, Христина Алоати од Виластелоне, живеела христијански. Неговиот син Франческо, станал свештеник, а ќерката Гертруда станала чесна сестра која му се посветила на Бога. И неговата втора ќерка, Катерина, сакала да стане чесна сестра, но нејзиниот духовник ја разубедил, објаснувајќи дека и во семејството може да се живее христијански. Петар Алоати и Катерина Кико се венчале на 8 април 1856 година. Бог ги дарувал со многубројно потомство и тоа со синовите: Јосиф, роден на 20 јули 1857 година, Мелхиор, на 13 ноември 1860 година, Франческо, на 5 август 1868 година. Првородената ќерка била Еврозија, само две години помлада од Јосиф; Христина била родена на 23 јуни 1844 година, Наталија на 7 декември 1866 година. Освен овие деца Петар Алоати имал уште две деца кои умреле кога биле мали.
Служење на Бога во семејството
Кога Катерина Кико, уште како девојка му се доверила на својот духовник и му ја открила намерата дека сака да му се посвети на Бога како чесна сестра, добриот свештеник ѝ одговорил: Катерина, треба да знаеш дека Бог не сака од тебе да му служиш како чесна сестра, туку како мајка, која ќе му се посвети, не само себе си и на своето моминство, туку и ќе му донесе на свет многубројни служители… Зборовите на добриот Божји слуга се покажаа како пророчки, зашто Катерина на Бога и на Црквата им посветила пет од своите чеда кои – служеле на својата вера со целосно саможртвување. Јосиф и Мелхиор станале мисионери Лазаристи; Еврозија и Христина се посветиле како чесни сестри, а Наталија останала дома да се грижи за своите родители, посветувајќи му се на Бога низ оваа работа.
Само најмалиот син Франческо, останал кај родителите живеејќи примерен христијански живот. Добрата Катерина сите свои деца ги воспитала во христијански дух и им вдахнала непоколеблива вера во Бога, љубов кон молитвата и примерна набожност. Христијанската мајка особено се грижела да ја развие во срцата на своите деца добродетелта на братската љубов. Таа ги поучувала да се воздржуваат од навредливи зборови, да удираат во столови, маси и слично. Кога понекогаш се удирале од некој предмет, таа ги терала предметот да го бакнат, наместо да се одмаздат со удар како што прават некои деца. Исто така Катерина сакала своите деца да ги челичи и во јадењето. Затоа кога не им се допаѓало некое јадење, таа им давала од него да јадат повеќе денови едно по друго, додека престанале да негодуваат поради него. Кога забележувала некои предзнаци на суета кај своите ќерки, таа фустаните им ги превртувала наопаку и ги терала така да ги носат неколку часа. На овој начин, набожната христијанска мајка се трудела да го искорени во најраната возраст кај своите деца секој порок или несовршенство.
Петар Алоати со семејството, откако му се родиле првите деца, се преселил да живее во Торино, убавиот и стар главен град на Италија. Ако некому бучниот град му дава повод за развратност на моралот и за заладување на религиското чувство, тоа не може да се каже за доброто семејство на Петар и на Катерина Алоати. Додека таткото се занимавал со трговија, мајката ги воспитувала децата по патот на набожноста. Таа често ги посетувала црквите со кои градот Торино е толку богат. Еден празничен ден, Катерина во придружба на своите поголеми деца влегла во катедралата. Од амвонот на олтарот во тоа време проповедал еден каноник. Темата на неговата проповед била: мисијата на христијанската мајка. Слаткоречивиот свештеник истакнал дека христијанските мајки треба да ги следат светците, кои ги воспитале светлата на Црквата, како света Моника, мајката на свети Августин; дека најдоброто наследство што христијанските родители можат да им го предадат на своите деца, не се состои само во богатството, почитта и другите богатства, туку во доброто воспитание, во духот на верата, во вистинската набожност и светиот Божји страв. Зборовите на свештеникот се врежале директно во срцето на набожната мајка и ја сугерирале цврстата одлука да ги запечати во својот ум и да ги исполнува во својот живот. По враќањето дома, веднаш со силниот впечаток на убавата проповед, Катерина седнала и ги напишала главните мисли на свештеникот во една посебна тетратка. Другиот ден, по завршувањето на домашната работа, Катерина ги собрала децата им го прочитала заклучокот од проповедта и го објаснила завршувајќи го со зборовите: Отсега па натаму, мои мили деца, вие ќе треба да го правите сето она што јас ќе ве учам во името на Господа.
Од тој ден во семејството Алоати бил воведен ред, секое утро и вечер сите заедно да ги кажуваат молитвите. Секоја недела и празник, Катерина лично на своите деца им предавала по еден час катехизис. Такви примери во домот на своите родители гледала нашата Еврозија. Цели 28 години таа била близу до мајка си, толку добра и совршена учителка, која своите деца ги учела не само со зборови, туку и со дела. Отпосле, кога Еврозија станала втора мајка за своите мали браќа и сестри, во сè ја следела својата сакана мајка.
Од книгата „Благородното дело на отец Јосиф Алоати и на сестра Еврозија Алоати“ од д-р Иван Драгов