Со задоволство ги гледам луѓето во лице и искрено одговарам на нивните прашања – рече папата Фрањо во новата книга која во Италија ќе биде во продажба од четврток 19 октомври, а од која италијанскиот весник „Ла Република“ објави некои делови.
Светиот Отец во таа книга ја излага својата визија за Црквата, во дијалог со луѓето и отворено зборува за своите чувства во справувањето со новинарите.
Одлучен сум, но и срамежлив. Во Буенос Аирес малку се плашев од новинарите. Мислев дека би можеле да ми создаваат потешкотии, и од таа причина не давав интервјуа – признава Папата во книгата која ја составил заедно со италијанскиот новинар и исусовец Антонио Спадаро. Книгата носи наслов „Adesso fate le vostre domande“ (Сега поставете ги вашите прашања), а ја објави издавачката куќа Рицоли.
Знам дека треба да бидам внимателен и се надевам дека и сум. Пред да започнам со слушање и со одговорите, секогаш се молам на Светиот Дух. И како што не смеам да ја загубам претпазливоста, така не смеам да ја загубам ниту довербата. Знам дека тоа ме прави ранлив, но тоа е ризикот кој сум подготвен да го преземам – објасни папата Фрањо.
Според мислењето на Папата и Црквата би требала да го преземе тој ризик. Светиот Отец така посакува Црква која знае да се вклучи во разговор со луѓето, која може да дијалогизира. Тоа е Црквата од Емаус во која Господ ги „интервјуира“ обесхрабрените ученици – вели папата Фрањо. За мене интервјуто е дел од тој разговор на Црквата со луѓето од денешното време.
Папата Фрањо во пресрет на Епископската синода за бракот и семејството даде да се изработи упатство кое треба да му помогне на Светиот Престол да ги открие расположенијата и ставовите на верниците за тие теми и начинот на црковното справување. Исто така, Папата во склоп на подготовката на Епископската синода за младите, која ќе се одржи во октомври 2018 година во Ватикан, даде да се користи таа алатка.
РВ/к.мк