Прославен патронот на црквата Свети Иван Крстител – Струмица

Прославен патронот на црквата Свети Иван Крстител – Струмица

На патрониот празник на парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ – Струмица, на 7 јули 2017 година се служеше свечена света Литургија, која ја предводеше о. Тома Ангелов, парох во Богданци во заедништво со парохот о. Гоце Костов, парохискиот викар Атанас Сирачев и свештеници од Апостолкиот егзархат: о. протојереј ставрофор о. Георге Трајков, о. Горге Појразов, о. Трајче Ташев, о. Илија Стојанов, о. Ристо Самарџиски и о. Ванчо Назов. Покрај бројните верници на светата Литургија присуствуваа и чесни сестри Евхаристинки од Струмица, Радово, Нова Маала и Гевгелија.

Светата Литургија започна со свечена процесија, а во пригодна проповед на собраните верници им се обрати о. Тома Ангелов, која најпрво ги пренесе поздравите и честитките од Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов по повод патрониот празник, а потоа истакна дека како некогаш што свети Иван Крстител повикуваше на преобраќање и да ги приготвиме патиштата за Господ, така и денес тој повикува од оваа црква.

На крајот од Литургијата о. Гоце Костов упати благодарност до Бог за овој празник, како и до сите оние кои на свој начин придонесоа да биде посвечен, повикувајќи ги верниците и понатаму да продолжат да се молат за оваа парохиска заедница.

Прославата на патрониот празник продолжи во заедништво со агапе во дворот на Црквата кое беше приготвено од црковниот одбор.

Светата Литургија директно ја пренесуваше Радио Марија Македонија.

На патрониот празник претходеше Деветница до Свети Иван Крстител, а последните три дена беше збогатена и со духовни наговори за карактерот на светителот. На првиот ден о. Атанас Сирачев зборуваше за постот и молитвата на Свети Иван Крстител, о. протојереј ставрофор о. Георге Трајков на вториот ден зборуваше за понизноста и послушноста на свети Иван Крстител, додека о. Гоце Костов на третиот ден во својот наговор ја истакна одлучноста и храброста на Претечата Христов. Со црковни песни придружувани со гитара на  Деветницата се вклучија и младите од парохијата.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот