Евангелистот Иван кој самиот тоа го слушнал, го спомнува овој збор; бидејќи знаеше дека сѐ е свршено, си рекол дека се исполнило Писмото: Жеден сум. И ти си го потврдил псалмот кој Божјот дух пророчки кажувал за твојата мака. Затоа што истото во 21 Псалм се вели: „Силата моја се исуши како цреп, јазикот ми се залепи за непцата.“ А во псалмот 68, 21 стои за Тебе: „И ми дадоа жолчка да каснам и кога зажеднев – со оцет ме напоија.
О, Слуго на Отецот, послушен до смрт, смрт на крст, ти не обрнуваш внимание на она што ти се случило, туку гледаш на сето она што сѐ уште треба да се случи, не гледаш на фактите, туку на должноста. Како грижливо да внимаваш – уште во смртен страв, што го вознемирува духот и те лишува од присебноста – за сѐ во твојот живот да е усогласено со вечната слика, која била во духот на твојот Отец, кога тоа го мислел. Така Ти не обрнуваш внимание на невидената жед, на своето крварење, на живите рани кои го покриле голото тело, кое е изложено на топлото источно сонце. Напротив, ти утврдуваш – затоа што до смрт ја љубиш волјата на Отецот – со понизност: да, и тоа е исполнето, тоа што за Мене го навестила пророчката уста како волја на Отецот; да навистина сум жеден.
Но, Ти така си ја сфатил целата своја мака и нејзината суровост. Тоа беше волјата на Отецот, а не човечка злоба; спасително дело на твојата љубов, а не подлост на грешник. Ти пропадна за ние да се спасиме; Ти умре за ние да живееме; ти беше жеден за ние да најдеме поткрепа во водата на животот. Ти си изгорувал од жед за преку твоето прободено ребро од срцето да потече извор на жива вода. (…) Ти заради мене си трпел жед, си бил жеден за мојата љубов и за моето спасение: како што еленот е за извор на вода, така мојата душа е жедна за Тебе.
Од книгата Молитви на животот од Карл Ранер/к.мк