1700 години од Соборот во Никеја: чекор кон заеднички датум за Велигден?

1700 години од Соборот во Никеја: чекор кон заеднички датум за Велигден?

Можноста за заедничко славење на Велигден од страна на сите христијани беше темата за дискусија во Рим на конференцијата посветена на 1700-годишнината од Соборот во Никеја, првиот вселенски собор во историјата на христијанството.

Во просториите на Папскиот универзитет Грегоријана во Рим се одржа средба на претставници на различни христијански деноминации, кои присуствуваа на конференцијата и изложбата посветени на 1700-годишнината од Соборот во Никеја. Овој значаен настан се случува во Јубилејна година посветена на надежта, што и дава посебно значење.

Соборот за единство, кој е актуелен и денес

„Соборот нè потсетува дека верата дури и денес нè дефинира како христијани“, истакна отец Марк Луис, ректор на Папскиот универзитет Грегоријана, отворајќи ја конференцијата „Никејскиот символ: историја и теологија“.

Соборот во Никеја бил свикан од царот Константин во 325 година за да се реши кризата на единството, која, како што потсетува папата Фрањо во документот „Spes non confundit“, била под „сериозна закана од негирање на божественоста на Исус Христос и неговата едносуштност со Отецот“. На соборот присуствувале околу 300 епископи, вклучително и Папски легати и претставници на Источната црква. Соборот го осуди ересот на Ариј и го објави текстот за Символот на верата, христијанското исповедање на верата, што останува основа на христијанската доктрина до денес.

Михаел Севалд од Универзитетот во Минстер, кој ќе го организира вториот дел од настанот наесен, истакна дека идејата за одржување на заедничка конференција меѓу Универзитетот Грегоријана и Католичкиот универзитет во Германија произлегла за време на форумот за синодалност одржан пред две години во Рим.

Еден датум за Велигден – враќање на првобитните намери

На соборот во Никеја, меѓу другото, се расправало и за датумот на кој треба да се слави Велигден. Во IV век била изразена желба за „заедничко празнување на Велигден“: царот Константин, како што пренесува Евсевиј Кесариски, сакал христијаните да го слават Велигден на еден ден.

„Сега, на оваа годишнина, кога одбележуваме 1.700 години од Соборот во Никеја, можеме да се вратиме на прашањето како да го прославиме Велигден и кога да го славиме“, рече Даниеле Галацо од Папскиот ориентален институт, изразувајќи надеж дека ќе биде можно да се воспостави „единствен датум за Велигден“ за сите христијани.

Оваа дискусија станува особено релевантна во контекст на екуменските напори и потрагата по патишта да се постигне поголемо единство меѓу христијаните од различни деноминации.

Во меѓувреме, во атриумот на универзитетот Грегоријана е поставена изложба на тема „За сè видливо и невидливо“, која може да се посети до 13 март 2025 година и овозможува подлабоко разбирање за значењето на овој историски настан.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот