Конзисториумот го заврши првиот ден од разговорите со фокус на мирот

Конзисториумот го заврши првиот ден од разговорите со фокус на мирот

Во салата „Павле VI“, втората сесија на Вонредниот конзисториум беше посветена на мирот, со нагласување на потребата да се работи на градење мир и „цивилизација на љубовта“. Многу групи ја истакнаа и потребата да се надмине логиката на доктрината за „праведна војна“ и наместо тоа да се зборува за правото на пропорционална самоодбрана.

Попладневната сесија на Вонредниот конзисториум, одржана на 26 јуни во салата „Павле VI“, започна со молитви за „болната состојба во Венецуела“ и за многубројните жртви од неодамнешниот земјотрес.

Сесијата, насловена „Културата на моќта и цивилизацијата на љубовта“, беше посветена на размислување за петтата глава од енцикликата Magnifica Humanitas. Таа започна со заедничка молитва, а ја модерираше кардиналот Пабло Вирџилио Сионгко Давид, кој потоа го покани кардиналот Виктор Мануел Фернандез, префект на Дикастеријата за доктрината на верата, да го одржи воведното излагање. Папата Лав XIV присуствуваше на отворањето на сесијата, а подоцна се врати и на пленарната средба.

Војната не смее да стане нешто нормално

Потоа започнаа дискусиите. Единаесет групи ги претставија своите извештаи пред собранието, осум од првиот круг и три од вториот. Сите се осврнаа на предизвиците на сегашното време, истакнувајќи ја „дехуманизирачката сила на културата на моќта, нејзиниот универзален досег, искушението да се прифати логиката на моќните и нормализирањето на војната и поларизацијата, кои ја намалуваат општествената чувствителност за насилството и поттикнуваат опасно поедноставени пристапи кон решавањето на конфликтите“, се наведува во соопштението на Прес-службата на Светиот Престол.

Во таков контекст, учесниците ја нагласија одговорноста за градење мир и цивилизација на љубовта. Тие ја истакнаа и важноста од веродостојно сведоштво, почнувајќи од самата Црква, преку јазик насочен кон човекот, јазик на слушање, простување, помирување, правда и конкретни гестови.

Таквиот јазик, според нив, може да ги допре срцата на оние што се вовлечени во конфликт, да ги признае раните предизвикани од војната и да ја поттикне потрагата по единство во Црквата.

Одговорноста за градење мир

Во дискусијата беше нагласено дека единството во Црквата е суштинско за нејзината веродостојност, како и дијалогот со другите вероисповеди и религии, особено со исламот. Во време кога глобализацијата на рамнодушноста ги прави луѓето сè понечувствителни за страдањето на другите, секој човек е повикан да преземе одговорност за градењето мир.

Во овој контекст, сите групи повторно ја потврдија централноста на верата во Христос и на Евангелието, кое има сила да го преобрази светот кога се живее, а не кога се третира само како теорија. Тие го истакнаа и изворниот повик на Црквата, забележувајќи дека некои ситуации можат да се надминат само преку Божјото делување Неколку групи ја посочија работата на Црквата во Светата Земја и во Источна Европа како примери.

Во разговорот беше разгледана и улогата на политичката власт, со повик таа да се ослободи од токсичната поврзаност со економската моќ. Меѓу другите теми беа семејството, образованието, тешкотијата да се надмине барањето за непосредни решенија и потребата од храбра евангелизација. Неколку групи ја истакнаа и улогата на дипломатијата на Светиот Престол и на папските нунции, за гласот на Црквата да продолжи да биде слушнат.

Поддршка на папскиот повик за мир

Во овој контекст, многу учесници ја нагласија потребата да се надмине логиката на „праведна војна“, бидејќи Евангелието не може да се наметнува со сила. Наместо тоа, треба да се зборува за правото на пропорционална самоодбрана.

Беше изразена голема благодарност до папата Лав за енцикликата, за неговата осуда на вооружените конфликти и за неговите постојани повици за мир. Во дискусијата се размислуваше и за петринската служба како гаранција за независноста на Црквата од политичката власт, како и за потребата од симболични гестови што можат да бидат видливи знаци на мир во сегашното време.

Повик на одговорност

Сесијата заврши со неколку лични излагања поврзани со темите на разговорот. Некои кардинали изразија благодарност за можноста за дијалог што ја овозможи Конзисториумот, повторно нагласувајќи ја важноста од заедничка работа со водачите на другите религии за промовирање цивилизација на љубовта.

Кардиналите исто така нагласија дека самата енциклика е повик до Кардиналскиот колегиум да преземе одговорност за градење мир, вклучително и преку симболични иницијативи, како што беше Светскиот ден на молитва за мир, свикан од свети Иван Павле II во Асизи во 1986 година.

Околу 19.30 часот, Папата се врати за да ја предводи завршната молитва, со што сесијата беше завршена.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот