На 21 април 1889 година во Солун е основана заедницата на Сестрите Евхаристинки. Основатели се, братот и сестрата, отец Јосиф и сестра Еврозија Алоати од Торино – Италија.
Заедницата на Сестрите Евхаристинки по Божја провидност е основана на Велики Четврток во годината кога верниците од источен и западен обред заедно го слават Велигден.
Харизмата на Сестрите Евхаристинки е „да го запознаат, сакаат и обожаваат Исус Христос во светата Евхаристија и со својот живот и молитва да придонесат Исус во светата Евхаристија да биде познат, сакан и обожаван во секое човечко срце“.
Од 1894 до 1916 година Сестрите Евхаристинки живеат и делуваат во Паљурци. Овде заедно со големиот број сираци се грижат за бедното население и го слават секојдневно Бога.
Благодариме на нашите свети основатели и на првите сестри Евхаристинки кои живееја во верност и преданост на Бога и во најтешките денови од основањето на Монашката заедница. Ни оставија многу светли траги по кои денес одиме. Благодариме за изобилните благодати со кои и денес Бог не дарува.
Го молиме Бога, а ве молиме и сите верници и читатели на Католици.мк. – молете се и вие Господ да не зацврстува и вдахнува и да ни испрати нови звања кои со радост и неуморно ќе го обожаваат Исус во светата Евхаристија и неуморно ќе се жртвуваат и посветуваат за да може се повеќе Исус во светата Евхаристија да биде познат, сакан и обожаван во секое човечко срце.
На 27 април ќе се вклучиме со радост во молењето на Крстниот пат во Паљурци и заедно со нашиот епископ монс. Киро Стојанов и сите верници ќе молиме по стапките на нашите основатели и првите сестри Евхаристинки.
С. Евхаристинки