Четириесет и пет години од нападот врз свети Иван Павле II за време на Генералната аудиенција на плоштадот „Свети Петар“, сеќавањето на тој настан продолжува да биде поврзано со молитвата, простувањето и довербата во Бога, одразени во зборовите на Папата и на неговите наследници.
Четириесет и пет години поминаа од нападот врз папата Иван Павле II на плоштадот „Свети Петар“, на 13 мај 1981 година, настан што ја одбележа историјата на Црквата и драматично го привлече вниманието на меѓународната јавност.
Сеќавањето на тој ден останува поврзано не само со сликите од плоштадот „Свети Петар“, туку и со зборовите на молитва, простување и доверба во Бога, изговорени во годините што следеа од Папата и од неговите наследници.
Во мај 1981 година, меѓународниот социо-политички контекст беше обележан со обновени тензии меѓу Истокот и Западот. Советската инвазија врз Авганистан дополнително ја засили климата на Студената војна, додека во Источна Европа растеше загриженоста поради појавата на независниот синдикат „Солидарност“ во Полска. Во Италија, годините на тероризам и екстремистичко политичко насилство, познати како „Години на олово“, длабоко го потресоа општеството.
Во среда, на 13 мај 1981 година, плоштадот „Свети Петар“ беше исполнет со ходочесници собрани на неделната Генерална аудиенција. Папата Иван Павле II ги поздравуваше верниците од белиот џип, кој традиционално се користеше за обиколка на плоштадот, кога од непосредна близина беа испукани истрели. Папата беше сериозно ранет и веднаш префрлен во болницата „Џемели“ во Рим.
Меѓу оние што известуваа за настанот во живо беше и новинарот на Ватиканското радио, Бенедето Нардачи, чиј глас ја пренесе збунетоста и тишината што следеа по нападот.
Набљудувајќи ја толпата на плоштадот, тој ги опиша луѓето како стојат во тишина и чекаат вести, додека епископите и свештенството ги повикуваа верниците да се молат за закрепнување на Папата.
Во соопштението објавено подоцна од Канцеларијата за печат на Светиот Престол беше потврдено дека Папата бил погоден во стомакот и дека бил опериран во болницата „Џемели“. Во соопштението беше наведено дека, иако неговата состојба е сериозна, постојат „основани надежи за закрепнување“.
Четири дена подоцна, за време на пораката за „Царице несбена“ од болницата, Иван Павле II им се обрати на верниците и јавно проговори за простување на Мехмет Али Агџа, човекот одговорен за нападот.
Тој ги увери верниците дека се моли за напаѓачот и повторно ѝ се довери на Дева Марија со зборовите: Totus tuus ego sum.
Страдањето преобразено преку љубовта
Во годините што следеа, настаните од 13 мај 1981 година станаа тесно поврзани со посветеноста на Папата кон Богородица од Фатима. Иван Павле II постојано ја искажуваше својата убеденост дека неговиот живот бил зачуван преку нејзиното застапништво.
За време на погребната света Литургија за Иван Павле II, на 8 април 2005 година, кардиналот Јозеф Рацингер се осврна на сведоштвото на покојниот папа за страдањето и верата. Повикувајќи се на делови од последната книга на Иван Павле II, „Сеќавање и идентитет“, тој зборуваше за страдањето преобразено преку љубовта и соединето со Христовата тајна.
Папата Фрањо, исто така, потсети на нападот за време на Генералната аудиенција на 12 мај 2021 година, во пресрет на годишнината. Осврнувајќи се на врската меѓу датумот на нападот и литургиското чествување на Богородица од Фатима, тој рече дека овој настан го потсетува човештвото дека „нашиот живот и историјата на светот се во Божји раце“.
Споменот на свети Иван Павле II продолжува да одекнува во животот на Црквата. На 11 мај 2025 година, кратко по својот избор на Петровиот престол, папата Лав XIV им се обрати на младите за време на „Царице небесна“, повторувајќи ги зборовите поврзани со понтификатот на папата Војтила: „Не бојте се! Прифатете го повикот на Црквата и на Христос Господ.“
Една недела подоцна, на 18 мај 2025 година, на годишнината од раѓањето на Карол Војтила, папата Лав XIV ја предводеше светата Литургија со која беше означен почетокот на неговата Петрова служба.
Ватикан њуз/к.мк

