Пишува: Кирил Стојанов
Синоќа во Катедралата, Пресвето Срце Исусово, со свечена Понтификална Миса, беше прославен јубилејот, 10 години од Канонизацијата за светица на Скопјанката, Мајка Тереза.
Четворица бискупи, 20 свештеници, мноштво верници и процесија во дворот со нејзиниот лик.
Мајка Тереза е почесен граѓанин на Скопје, најзначајната личност која потекнува од овој град, единствената личност од Македонија добитник на Нобелова награда за мир, личност која ужива почит и признание од целиот свет.
Пред 10 години, папата Франциск го потврди она што сите го знаевме, дека Мајка Тереза е светица.
Пред 10 години, на Олтарот во Ватикан, Папата и неговиот протокол, ни укажаа ОГРОМНА чест, давајќи му место на нашиот епископ, монс. д-р Киро Стојанов, веднаш до Папата – како потврда на Македонија како родна земја на Мајка Тереза.
Животот на Мајка Тереза, нејзиното дело и оставштина припаѓаат на целиот свет, припаѓаат на Калкута каде направи најмногу, но припаѓаат и на Скопје, на родниот град, припаѓаат на Македонија, место каде научи да оди, научи да зборува, ја прими својата вера и го доби своето звање – да му служи на светот.
Токму Скопје и Македонија ѝ должат барем минимум почит, барем една објава во нејзина чест, барем присуство во Катедралата.
Синоќа во Катедралата не беше присутен ниту сегашниот градоначалник на Скопје ниту кој било од неговата администрација, а не беше ниту еден поранешен градоначалник.
Не беше присутен ниту некој од Централната власт, не беше присутен ниту еден медиум, а Националниот сервис не вршеше пренос. (Денес за истото видов вест само на Сител и Религија.мк). А не дека не знаеја и не беа известени и преку Католици.мк и Радио Марија Македонија и преку официјални покани затоа што во изминатите денови имаше цела манифестација ,,Денови на Св. Мајка Тереза”.
За споредба, вчера во Косово, имаше национална организација и директен пренос на национален сервис.
Македонија немала поголема личност од Мајка Тереза, всушност во 20.век светот немаше поголем од неа.
И додека ние наместо да се гордееме со нејзе, тивко ја бојкотираме, други ветришта дуваат многу силно и наместо Македонија како родна земја, се читаат и слушаат други имиња – нешто што е огромна загуба за нас.
Пренесете им на администрацијата на градот дека водење град не е само промовирање камиони за собирање смет… Мајка Тереза е поголема и ќе трае многу подолго од која било функција.
Св. МАЈКА ТЕРЕЗО – моли се за нас!!

