Што слават католиците на Сите Светии и на Споменот на сите верни починати?

Што слават католиците на Сите Светии и на Споменот на сите верни починати?

Католичката црква на 1 и 2 ноември ги одбележува празникот Сите Светии и Споменот на сите верни починати, два дена кои се тесно поврзани со христијанската надеж, повикот на светост и молитвата за починатите.

Како што пренесува Катпрес, професорката по догматска и екуменска теологија на Католичкиот универзитет во Линц, Изабела Брукнер, потсетува дека двата дена го нагласуваат повикот што секој христијанин го прима преку Крштението.

„Со двата празника, Сите Светии и Споменот на сите верни починати, Црквата потсетува дека преку Крштението секој верник е повикан на светост“, објаснува Брукнер.

Таа истакнува дека светоста значи живот со срце отворено за Бога и Христос, а заедништвото во Христос ги поврзува христијаните и по смртта. Според неа, живите и починатите преку Христос остануваат поврзани единството на вера, пријателство и солидарност.

На 1 ноември, на празникот Сите Светии, Црквата се сеќава на оние кои со својот живот дале посебно сведоштво за верата, надежта и љубовта. Покрај официјално прогласените светци, празникот ги опфаќа и сите оние светители чии имиња не се познати или немаат посебен ден во литургискиот календар.

Следниот ден, 2 ноември, Црквата го одбележува Споменот на сите верни починати и се моли за сите оние кои починале во верата.

Катпрес потсетува дека посебното одбележување на овој ден се поврзува со 998 година и со Одилон од Клини, опат на бенедиктинскиот манастир Клини, иако молитвата за починатите е присутна во христијанската традиција уште од првите векови.

Брукнер нагласува дека со овој ден е поврзана христијанската надеж дека човековиот живот не завршува со смртта и дека починатите се доверуваат на Божјата милост.

Во овие денови верниците традиционално ги посетуваат гробовите на своите блиски, палат свеќи, носат цвеќе и се молат за починатите. Во многу парохии се одржуваат и молитви на гробиштата и благословување на гробовите.

Така, Сите Светии и Споменот на сите верни починати заедно ја изразуваат верата во заедништвото на Црквата, повикот на светост и христијанската надеж во вечниот живот.

Катпрес/к.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот