На 9 април 2017 Цветници, Богопосветените лица кои делуваат во градот Скопје го посетија Скопскиот бискуп и Апостолскиот егзарх монс. д-р Киро Стојанов во бискупската резиденција и во таа пригода му го честитаа роденденот и празникот Христово Воскресение.
Во име на сите, овогодинешната честитка ја упати сестра Анџелина Јаковиќ, од заедницата на сестрите Усмиленки. Сестра Анџелина во својата честитка рече: „Оче бискупе, пред нас е Страсната седмица кога се спомнуваме и размислуваме за страданието, смртта и воскресението на нашиот Господ Исус Христос. Понекогаш како и апостолот Тома не сме доследни на својот повик; понекогаш сме полни со надеж како Марија Магдалена дека Исус е жив и присутен во нашите животи; понекогаш сме тажни како и учениците затоа што Исус умре… Но секој од нас воедно е и сведок на онаа надеж која доаѓа од Господа Исуса. И токму гледајќи го Него – нашата надеж, ги прикажуваме нашите секојдневни молитви за мир во Македонија. Како мала Црква се сеќаваме на Вашата посета „Ad limina apostolorum“ во Рим – ни донесовте татковски поздрави и охрабрувања, како и благослов од Светиот Отец папата Фрањо. Секогаш е охрабрувачки да се гледа заедништвото кое Господ го дава на својата Црква. Нека Христос Ве обдари со радост на велигденското таинство за да можете секогаш и насекаде да сведочите дека Исус е жив Бог, кој нѐ теши, нѐ сака и сака да биде сопатник во нашите животи. Во тој дух во име на сите Богопосветени лица од градот Скопје Ви го честитам роденденот и празникот на Воскресението Христово кој ни е во пресрет. Исус воскресна. Алелуја.“
Потоа бискупот Стојанов заблагодари со зборови и со дарови, споделувајќи ги со присутните искуствата од настаните и средбите додека ја обиколуваше Црквата во Македонија, исто така се присети и на својата средба со Светиот Отец папата Фрањо. Во тој дух бискупот уште еднаш заблагодари на заедништвото, посакувајќи им на присутните отворени срца пред таинствата кои Црквата ќе ги прославува.
к.мк