Црковните поглавари се собраа во Рим за подготовка на Синодалните собранија 2027-2028 година
Генералниот секретаријат на Синодот соопшти дека водачите на континенталните црковни тела се собраа во Рим за да го проценат напредокот во спроведувањето на Синодата за синодалност и да се подготват за црковните собранија од 2027 и 2028 година.
Според соопштението објавено во понеделник,22 јуни 2026 година, од Генералниот секретаријат на Синодата, поглаварите на континенталните тела на Црквата оваа недела се собраа во Рим на тридневни состаноци посветени на следната фаза од Синодата за синодалноста.
На средбата, која се одржува од 23 до 25 јуни, учествуваат претставници на континенталните црковни организации од Латинска Америка, Африка, Азија, Европа, Океанија, Блискиот Исток и Северна Америка, заедно со координаторите на континенталните синодални тимови.
Фаза на спроведување
Според соопштението, собирот се одржува во време кога Црквата ја продолжува фазата на спроведување на Синодата за синодалност, по завршувањето на XVI Редовно општо собрание на Синодата на епископите во октомври 2024 година.
Овој процес, се наведува во соопштението, „ќе биде обележан со црковните собранија од 2027 до 2028 година“.
Учесниците се среќаваат во светлината на неодамнешното објавување на документот „Кон собранијата 2027-2028: фази, критериуми и алатки за подготовка“, кој има цел да ги насочи следните чекори од синодалното патување.
Генералниот секретаријат соопшти дека тридневната работа ќе биде насочена за слушање на „главните случувања во спроведувањето на Завршниот документ на XVI Редовно општо собрание на Синодата на епископи“.
Воедно, средбата треба да овозможи размена на искуства од различни региони во светот и да помогне во препознавањето на „заеднички динамики и прашања што бараат понатамошно заедничко размислување“.
Придружување на локалните Цркви
Дел од програмата е посветен на придружување на локалните Цркви и регионалните групи на Цркви во продолжувањето на синодалниот процес.
Посебно внимание ќе биде посветено и на улогата на комуникацијата во поддршката на оваа работа, особено во пренесувањето на синодалниот процес до верниците и локалните заедници.
Последниот ден од разговорите ќе биде фокусиран на континенталните собранија. Во соопштението тие се опишани како „една фаза во поширокото патување на црковните собранија, кое ќе кулминира со Собранието во октомври 2028 година“.
Учесниците ќе размислуваат за прашања поврзани со учеството и претставувањето, очекуваните резултати, како и улогата на Генералниот секретаријат во придружувањето на целиот процес.
Средба со папата Лав XIV
Собирот ќе заврши во четврток навечер. Пред неговото завршување, папата Лав XIV треба да се сретне со учесниците во седиштето на Генералниот секретаријат на Синодата.
Според соопштението, Светиот Отец ќе се вклучи во дијалог со учесниците во попладневните часови на 25 јуни.
Средбата претставува уште еден чекор во продолжувањето на синодалниот процес, со кој Црквата настојува да го продлабочи слушањето, учеството и заедничкото расудување на сите нивоа од црковниот живот.
Ватикан њуз/к.мк

