Бидете близу до луѓето преку народните мисии, духовното водство и светата Тајна Исповед.
Новите предизвици на времето да се пресретнат со „креативна верност“, носејќи го Христос на светот кој страда – поттикна папата Фрањо обраќајќи се на учесниците на Генералниот капитул на конгрегацијата Пасионисти кој се одржува во Рим од 6 до 27 октомври, а кои ги прими во Ватикан, на 22 октомври 2018 година. Конгрегацијата во 1720 година ја основа свети Павле од Крстот. Папата ги охрабри да бидат слуги на помирувањето, затоа што на Црквата ѝ требаат службеници кои слушаат, а не осудуваат и кои милосрдно прифаќаат, и се соочуваат со новите предизвици како што се миграцијата, секуларизирацијата и дигиталниот свет.
„Обновете го нашето послание: благодарност, пророштво и надеж“ е темата на Генералниот капитул рече Папата и додаде: Тоа е духот со кој сакате да ја поттикнете конгрегацијата за обнова на посланието, по пат на размислување за пасторалната методологија во пристапот на младите. Пасионистите свештеници, браќата монаси и верниците лаици речиси три векови се заветуваат дека ќе навестуваат во светлината наБожјата љубов која се објави преку маката Исусова.
Бидете служители на духовното оздравување и помирување кои многу се потребни на денешниот свет обележан со старите и нови болести, давајќи предност на најсиромашните во најзапоставените места – поттикна Светиот Отец и нагласи: Потребна е близина изразена традиционално преку народните мисии, духовното водство и светата Тајна Исповед. На Црквата ѝ требаат служители кои зборуваат нежно, слушаат не осудувајќи и милосрдно прифаќаат.
Црквата денес чувствува силен повик да излезе од себе и да оди на материјалните и духовни периферии – рече папата Фрањо и истакна: Вашата задача да ги прифатите новите граници на посланието значи не само да одите на новите подрачја за да го однесете Евангелието, туку и да се соочувате со новите предизвици на нашето време како што се миграцијата, секуларизмот и дигиталниот свет. Тоа значи исто така да бидете присутни во оние прилики каде луѓето го чувствуваат отсуството на Бог и да настојувате да бидете блузи до оние кои на било кој начин страдаат.
Во оваа време на епохални промени потребно е да се биде чувствителен на делувањето на Светиот Дух читајќи ги знаците на времето затоа што новите прилики бараат нови одговори – рече папата Фрањо и продолжи: Потребна е креативна верност на харизмата за да одговориме на потребите на луѓето и да го донесеме Христос во светот кој страда. Како што правел свети Павле од Крстот, креативен во одговорите на потребите во неговото време, препознавајќи, како што бара правилото, имагинативната Божја љубов која не се покажува толку со зборовите колку со делата и со примерот на оној кој љуби.
Потребно е да се сведочи плодноста на харизмата како многу пасионисти во минатото – рече Папата и напомена: Силата и едноставноста на вашите пораки кои се Божјата љубов објавена на крстот сѐ уште можат да му зборуваат на денешното општество кое нема повеќе доверба само во зборовите и не дава да се увери само со фактите. За многу млади кои го бараат Бог, Исусовата мака може да биде извор на надеж и охрабрување покажувајќи им дека секој лично и до крај е љубен.
Нека вашето сведоштво и апостолат продолжат да ја збогатуваат Црквата, и секогаш да можете да останете близу до распнатиот Христос и до неговиот народ кој страда. Во центарот на животот и посланието на пасионистите е маката Исусова која свети Павле од Крстот ја пишува како најголемо и најдлабоко дело на Божјата љубов. Пасионистите имаат и четврт завет дека ќе ја промовираат побожноста кон Исусовата мака затоа што од крстот произлегува помирувачката Божја љубов – заврши Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк