Токму како Петар, Исус нè прашува: „Дали ме љубиш?“ На Велигден, Исус сака и нашите срца да се воздигнат – бидејќи верата не е прашање на знаење, туку на љубов, истакна папата Фрањо во денешното обраќање пред молитвата Царице небесна, поттикнувајќи како Петар, да „скокнеме и да се нурнеме“ во доброто, без премногу да пресметуваме.
Во срцето на неделната литургија е третото јавување на Воскреснатиот Исус на апостолите – овој пат на Галилејското Море, а пред сѐ го вклучува Симон Петар. Петар им кажува на другите ученици да одат на риболов. Тоа не беше невообичаено со оглед на тоа што тој беше рибар, но тоа занимање тој го остави за да го следи Исус, забележа Папата во недела 1 мај 2022 година. Додека Воскреснатиот чека, Петар, можеби малку обесхрабрен, им предлага на другите да се вратат на својот поранешен живот, а тие прифаќаат. Сепак – таа вечер не фатиле ништо.
„Може да ни се случи од умор, разочарување, можеби мрзеливост, да заборавиме на Господа и да ги занемариме големите одлуки што сме ги донеле и да се задоволиме со нешто друго.
На пример, објасни Папата, ние не посветуваме време на разговори еден со друг во семејството, претпочитајќи да избираме лични забави; забораваме на молитвата, се препуштаме на сопствените потреби; го запоставуваме добродетелството, со изговор за секојдневното брзање. А при тоа сме и разочарани: со празни мрежи, како Петар.
Започнете повторно со Исус
А што прави Исус со Петар? Повторно се враќа на брегот на езерото каде ги избрал Петар, Андреј, Јаков и Иван. Тој не ги укорува, туку нежно ги нарекува учениците: „деца”. Потоа ги поттикнува да ги фрлат мрежите повторно, како порано, смело – и нивните мрежи се полни. „Браќа и сестри, кога нашите мрежи во животот се празни, не е време да се сожалуваме, да се забавуваме, да се вратиме на старите разоноди. Време е да се започне повторно со Исус, време е да се најде храброст да се започне одново, време е да се појде по Исус“, рече Папата, нагласувајќи три глаголи: повторно појди, започни одново и исплови.
На Петар му требаше тој „шок“, додаде тој. Слушајќи го Иван како вика: „Господ е!“, тој веднаш скокна во водата и доплива до Исус. „Тоа е чин на љубов, бидејќи љубовта ја надминува корисноста, погодноста или должноста; љубовта создава чудење, создателски вдахновува, вдахнува слободно дадена ревност“, истакна Светиот Отец.
Скокни, нурни се
И ние денес сме повикани на нова ревност, „да се нурнеме во доброто, без страв дека нешто ќе изгубиме, без преголема пресметка, без да чекаме другите да почнат“. За да се сретнеме со Христос мораме да излеземе од рамнотежа – рече Папата поставувајќи го прашањето: дали сум способен за излив на великодушност или го задржувам поривот на моето срце и се затворам во навиката, во страв? „Скокни, нурни се“, повика Папата.
Дали ме љубиш
На крајот од тој призор, Исус трипати го прашува Петар: „Дали ме љубиш?“ Ова прашање ни го поставува и Воскреснатиот Господ, рече Папата, затоа што на Велигден Исус сака и нашите срца да се возигнат – бидејќи верата не е работа на знаење, туку на љубов.
„Дали ме љубиш?” Исус те прашува тебе, мене, кои имаме празни мрежи и многу често се плашиме повторно да започнеме; тебе и мене, сите нас кои немаме храброст да нурнеме и можеби сме ја изгубиле ревноста. „Дали ме љубиш?“ прашува Исус. Оттогаш, Петар засекогаш прекина со рибарството и се посвети на службата на Бога и на своите браќа и сестри, до тој степен што го даде својот живот овде, овде каде што сме сега. А што е со нас, дали сакаме да го љубиме Исус?
Ватикан њуз/к.мк