Царице небесна: Верата не е секогаш лесна, Евхаристијата е неопходна

Царице небесна: Верата не е секогаш лесна, Евхаристијата е неопходна

На Неделата на Божјото милосрдие, која Свети Иван Павле II ја воведе во 2000 година, папата Лав XIV потсети дека верата треба да се храни и зајакнува, а за тоа е неопходно неделното евхаристиско заедништво

Во своето обраќање, Папата, како и вообичаено, се осврна на евангелското читање за денот, кое опишува како воскреснатиот Исус му се јавил на апостолот Тома осум дена по Велигден (сп. Иван 20,19-31) и го повикал да ја стави раката во неговата рана и да поверува.

„Тоа е сцена што нè поттикнува да размислуваме за нашата средба со воскреснатиот Исус“, рече Папата, признавајќи дека верата не е секогаш лесна. „Не му беше лесно на Тома, а не ни е лесно ни нам“, истакна поглаварот на Католичката црква, додавајќи дека верата треба постојано да се храни и зајакнува.

Значењето на неделната света Литургија

Поради тоа, Црквата нè повикува, како во опишаната сцена, „на осмиот ден“, односно секоја недела, како што правеле и првите ученици, заедно да ја славиме Евхаристијата.

Обраќајќи им се на околу 18.000 верници собрани на плоштадот „Свети Петар“, папата Лав XIV рече:

„Во неа ги слушаме зборовите на Исус, се молиме, ја исповедаме нашата вера, ги споделуваме Божјите дарови во љубов, ги принесуваме нашите животи обединети со Христовата жртва, се храниме со неговото тело и неговата крв, за и самите да станеме сведоци на неговото воскресение, како што упатува и самиот поим ‘Миса’, односно ‘испраќање’, ‘мисија’ (види Катехизам на Католичката црква, 1332).“

План на спасение за целото човештво

Папата нагласи дека неделната Евхаристија е неопходна за христијанскиот живот. Во таа насока потсети и на сведоштвото на мачениците од Абитина, кои биле исправени пред избор: да се откажат од Евхаристијата или да ја поднесат смртта. Нивниот одговор бил дека не можат да живеат без да го слават Господовиот ден.

„Зашто токму од тоа се храни и расте нашата вера. Во неа, нашите напори, колку и да се ограничени, се соединуваат со Божјата благодат, како дејства на членовите на едно тело, Христовото тело, за остварување на големиот план на спасение што го опфаќа целото човештво“, истакна Папата.

Преобразување преку Евхаристијата

Папата Лав XIV понатаму објасни дека преку Евхаристијата и нашите раце стануваат „раце на Воскреснатиот“, повикани да сведочат за неговото присуство, неговата милост и неговиот мир.

На крајот, пред молитвата „Царице небесна“, тој ги повика верниците ревносно и верно да учествуваат во евхаристиската средба со Воскреснатиот, во свет на кој му е многу потребен мир, за оттаму повторно да појдат како сведоци на љубовта и носители на помирувањето.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот