Фудбал и молитва: мексиканските стадиони на Мундијалот имаат католички капели

Фудбал и молитва: мексиканските стадиони на Мундијалот имаат католички капели

Кога ќе започне Светското првенство во фудбал во 2026 година, очите на светот ќе бидат вперени на теренот, головите, навивачите и големата спортска сцена. Но, на дел од стадионите каде што ќе се играат натпреварите, постои и простор за молитва.

Трите стадиони во Мексико кои ќе бидат домаќини на натпревари од Мундијалот, стадионот „Ацтека“ во Мексико Сити, „Акрон“ во Гвадалахара и „ББВА“ во Монтереј, имаат католички капели или посебно уредени молитвени простории. Тие се наменети за играчите, членовите на стручните штабови и персоналот, кои пред или по натпреварот сакаат да поминат неколку минути во тишина и молитва.

Најпознат меѓу нив е историскиот стадион „Ацтека“, кој во 2026 година ќе стане првиот стадион во историјата што по трет пат ќе биде домаќин на натпревари од Светско првенство, по 1970 и 1986 година. Во близина на влезовите за играчите се наоѓа мала молитвена просторија, едноставно уредена, со клечала поставени пред ликот на Богородица од Гвадалупе, најпочитуваната богородична икона во Мексико.

Оваа капела има и посебна историска важност. Според извештаите, папата Иван Павле II лично ја благословил за време на неговото патување во Мексико во 1999 година. Токму на овој стадион тој предводел голема средба со верниците, на која присуствувале повеќе од 100.000 луѓе. Покрај тоа што, „Ацтека“ е спортски симбол, воедно е и место што памети голем црковен настан.

Слична духовна димензија има и стадионот „Акрон“ во Гвадалахара. Во неговата архитектура е вклучена мала дрвена капела, поставена во близина на соблекувалните. И таму во центарот се наоѓа иконата на Богородица од Гвадалупе. Во земја во која богородичната побожност е вкоренета во националниот идентитет, ваквите простории се природен израз на верата што е присутна во секојдневниот живот.

На стадионот „ББВА“ во Монтереј, познат и како „Челичниот џин“, молитвената просторија е уредена во помодерен стил. Во центарот се наоѓа минималистички крст, а присутна е и статуа на Богородица од Роблес, заштитничката на Монтереј. Низ годините, играчи оставале икони, слики и други молитвени предмети, што покажува дека за многумина спортот и верата не се одвоени светови.

За разлика од Мексико, каде што капелите се јасно католички, во стадионите во САД и Канада најчесто постојат меѓуверски простории за молитва, медитација или размислување. Таквите простории се сè почеста појава на големите спортски арени и им овозможуваат на луѓето од различни верски традиции да се повлечат од бучавата на натпреварот и да најдат момент на внатрешен мир.

Светското првенство во 2026 година ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули во САД, Мексико и Канада. Ќе се играат вкупно 104 натпревари на 16 стадиони, што го прави турнирот најголемото издание во историјата на фудбалските светски првенства.

Но, ова првенство нема да биде само спортски спектакл. Како и секој голем глобален настан, тоа ќе отвори и пошироки прашања: за заедништвото, фер играта, комерцијализацијата на спортот, социјалните разлики, миграцијата, навивачката култура и улогата на фудбалот како можност за средба меѓу луѓето.

Католичката црква и црковните организации често го гледаат спортот како можност за градење заедништво, дисциплина, дијалог и мир. Фудбалот може да обедини луѓе од различни народи, јазици и култури. Но истовремено, современиот професионален спорт носи и предизвици: огромни финансиски интереси, притисок врз играчите, нееднаквост и претворање на спортот во индустрија.

Затоа присуството на капели и молитвени простории на стадионите има големо значење. Тоа потсетува дека и во најгласните места на светот, исполнети со навивање, светла и камери, човекот има потреба од молитва. И дека зад дресовите, резултатите и славата, играчите остануваат луѓе со стравови, надежи, молитви и лични борби.

Можеби токму затоа овие мали капели на големите стадиони во Мексико се многу силна слика: среде најголемиот спортски спектакл во светот, постои простор каде што победата, поразот и славата за момент замолчуваат пред Бога.

к.мк

Категорија: Колумни

За авторот