Франција го пречекува Папата Лав XIV: Во секуларната република сè уште силно чука католичкото срце
Папата Лав XIV на 25 септември ја започнува својата четиридневна Апостолска посета на Франција, земја која повеќе од еден век е симбол на строга одвоеност меѓу државата и религијата, но и покрај тоа Католичката црква во Франција и денес има голема улога во француското општество.
Од 25 до 28 септември Светиот Отец ќе ги посети Париз, Сен Дени, Лурд и Мец. Предвидени се средба со францускиот претседател во Елисејската палата, обраќање во седиштето на УНЕСКО, вечерна молитва во катедралата Нотр Дам, средба со младите на „Стад де Франс“, света Литургија во срцето на Париз, ходочестие во Лурд, а ќе го заврши патувањето во Мец, каде што ќе го сврти вниманието на христијанските корени на Европа, мирот и единството.
Ова е првата државна посета на еден папа на Франција по посетата на Бенедикт XVI во 2008 година, пред 18 години. Во меѓувреме, папата Фрањо престојуваше во Франција во рамки на апостолските патувања во Марсеј во 2023 и во Ајачо на Корзика во 2024 година.
Самите бројки околу посетата покажуваат дека католичкото присуство во Франција тешко може да се сведе само на историско наследство. За молитвената средба со младите во Сен Дени се очекуваат повеќе од 80.000 млади на возраст од 17 до 35 години, а сите места на стадионот беа пополнети за помалку од 24 часа. За светата Литургија на плоштадот Конкорд и на Елисејските полиња, до средината на септември биле регистрирани речиси 600.000 лица, поради што властите одобриле дополнителен простор. Во Лурд, пак, за неделната Литургија се очекуваат околу 150.000 верници.
Тоа е впечатлива слика за земја која често однадвор се гледа исклучиво низ призмата на laïcité, францускиот модел на секуларност.
Франција навистина е секуларизирана. Според истражувањето на INSEE и INED од 2019–2020 година, 51 отсто од жителите на метрополитенска Франција на возраст од 18 до 59 години се изјасниле дека немаат религија. Но католицизмот сепак останува убедливо најголемата поединечна религиска припадност: 29 отсто се изјасниле како католици, наспроти 10 отсто муслимани и 9 отсто припадници на други христијански заедници.
Нов бран на крштевки, посебно меѓу младите
Уште позабележителни се последните податоци за пристапување во Католичката црква на возрасни и млади. На Велигден 2026 година во Франција биле крстени 13.234 возрасни лица, што претставува раст од 28 отсто за само една година. Во 2016 година нивниот број бил 4.124, што значи дека за една деценија бројот на возрасни крштевки е повеќе од тројно зголемен.
Особено е значајна возраста на новокрстените. Дури 42 отсто се на возраст од 18 до 25 години, а дополнителни 40 отсто се меѓу 26 и 40 години. Практично, 82 отсто од возрасните кои се крстиле во 2026 година се помлади од 40 години. Заедно со повеќе од 8.000 адолесценти, Католичката црква во Франција во 2026 година брои повеќе од 21.000 новокрстени адолесценти и возрасни.
Тоа е и причината зошто во програмата на Папата е вклучена посебна средба со катехумени и неофити во Католичкиот институт во Париз.
Црковната структура и денес е широко распространета. Според најновите податоци на Француската епископска конференција, Католичката црква во Франција има 110 бискупии и еквивалентни црковни структури и 8.709 парохии. Во земјата има и околу 42.258 парохиски цркви и капели. На 1 јануари 2024 година во француските бискупии и парохии биле присутни 12.019 свештеници, епархиски и членови на верски институти.
А верниците финансиски ја одржуваат оваа структура. Особено важно е што, освен специфичниот конкордатски режим во Елзас-Мозел, редовното функционирање на Католичката црква не се финансира од француската држава, туку главно од самите верници.
Еден од пет ученици во католичко училиште
Можеби најсилниот показател за местото на Католичката црква во француското општество се училиштата. Во учебната 2025–2026 година католичкото образование опфаќа 2.048.470 ученици и студенти во 7.155 образовни единици. Самата католичка образовна мрежа наведува дека тоа е приближно еден од секои пет француски ученици. Во системот работат околу 137.500 наставници и уште околу 90.000 други вработени.
Францускиот модел тука е интересен: огромен дел од католичките училишта имаат договор со државата. Тие го задржуваат католичкиот карактер, додека наставниците во договорниот систем се платени од државата и училиштата се дел од поширокиот образовен систем. Така, и во една од најсекуларните европски републики, католичкото образование останува присутно во животот на милиони семејства.
Католичка вера преточена во социјална грижа
Католичкото присуство станува уште повидливо кога ќе се погледне социјалниот сектор.
Secours Catholique–Caritas France во 2024 година помогнал на околу 1,12 милиони луѓе преку речиси 2.500 места за прием, со мрежа од околу 58.000 волонтери.
Католичката фондација Apprentis d’Auteuil, насочена особено кон деца, млади и семејства во тешкотии, управува со 430 установи и програми. Само во Франција во 2024 година опфатила повеќе од 40.000 млади и 9.000 семејства, со 8.200 вработени и 1.500 волонтери. Нејзиниот годишен ресурс достигнал 584 милиони евра.
Фондацијата Saint Jean de Dieu, која потекнува од католичкиот болнички ред на свети Иван Божји, има повеќе од 40 здравствени, медицинско-социјални и социјални установи, околу 2.100 кревети и места и приближно 2.100 професионалци, а годишно лекува и придружува повеќе од 20.000 лица.
Ова не се само добротворни акции на маргините на општеството. Станува збор за големи професионални мрежи што управуваат со болници, домови, центри за лица со попреченост, програми за деца и млади, социјално домување и служби за најсиромашните.
Нотр Дам и Лурд привлекуваат милиони луѓе
Католичката Франција има и места чија привлечност далеку ги надминува нејзините граници. По повторното отворање, низ катедралата Нотр Дам во Париз во 2025 година поминале повеќе од 11 милиони посетители. Катедралата повторно функционира како храм во кој секојдневно се служи и се моли, а не само како историски споменик.
Во Лурд, едно од најголемите маријански светилишта во светот, во 2024 година биле регистрирани околу 3,2 милиони посетители, меѓу кои повеќе од 411.000 организирани ходочесници. Во 2025 година посетеноста се приближила до четири милиони ходочесници и посетители.
Токму таму Папата Лав XIV ќе помине поголем дел од неделата, ќе се моли пред пештерата во Масабиел, ќе служи света Литургија и ќе се сретне со болните и со оние што се грижат за нив.
Франција денес не е конфесионална држава и не е земја во која мнозинството од населението редовно оди на Литургија. Но тоа не ја прави нејзината католичка реалност незначителна. Напротив, зад републиката на laïcité стојат милиони луѓе што се идентификуваат како католици, повеќе од два милиона ученици во католички образовни установи, илјадници парохии, десетици илјади професионалци во католички социјални дела, милиони ходочесници и посетители на светилишта и нова генерација млади што бара крштение.
Папата Лав XIV, чиј татко бил од француско и италијанско потекло, доаѓа во секуларна Франција во која католичката вера, и покрај децениите на секуларизација, и натаму има важно место во општеството. Бројките за новите крштевки, повеќе од два милиона ученици во католичкото образование, илјадниците парохии и разгранетата социјална мрежа покажуваат дека Католичката црква во Франција, покрај големото историско наследство, воедно е и жива институционална и духовна реалност. Католичкиот дух во Франција не исчезнал со секуларизацијата. Напротив, француските католици и денес имаат што да ѝ понудат на Европа и на светот преку своето духовно наследство, образованието, социјалната грижа, културата и сведоштвото на верата.
к.мк

