Темата на Папата за Светскиот ден на мирот во 2026 година: „Мир со сите вас“

Темата на Папата за Светскиот ден на мирот во 2026 година: „Мир со сите вас“

Папата Лав XIV ја објави темата за Светскиот ден на мирот за 2026 година – „Мир со сите вас: Кон ‘невооружен и разоружувачки’ мир“, a Ватиканската издавачка куќа објави книга со наслов „И нека биде мир“.

Дикастеријата за промоција на интегралниот човечки развој во вторник, 26 август 2025 година, објави соопштение со детали за темата што ја избра папата Лав XIV за Светскиот ден на мирот во 2026 година.

„Мир со сите вас: Кон ‘невооружен и разоружувачки’ мир“ е темата за годишната прослава посветена на универзалниот мир, која се одржува на 1 јануари, на литургискиот празник на Пресвета Богородица Марија, Мајка Божја.

Темата, како што се наведува во соопштението, „го повикува човештвото да ја отфрли логиката на насилството и војната и да го прифати автентичниот мир заснован на љубов и правда“.

Вечерта на неговиот избор за Папа, 8 мај 2025 година, како и во повеќе пригоди оттогаш, Папата Лав XIV упати апели за мир користејќи карактеристичен израз – „невооружени и разоружувачки“ – за да го опише мирот што го посакува за светот.

„Овој мир мора да биде невооружен, односно да не се темели на страв, закани или оружје“, се наведува во соопштението за медиумите. „И мора да биде разоружувачки, способен да ги решава конфликтите, да ги отвора срцата и да гради меѓусебна доверба, емпатија и надеж.“

„Недоволно е само да се повикува на мир“, се додава понатаму. „Потребно е да се воплоти во начин на живот кој отфрла секоја форма на насилство, без разлика дали е видливо или системско.“

Соопштението на Дикастеријата истакнува дека ова е универзален повик до целото човештво за потрага по мир, независно од верската припадност или општествената улога.

„Поздравот на Воскреснатиот Христос, „Мир вам“ (Иван 20,19), е покана упатена до сите – верници, неверници, политички лидери и граѓани – да го изградат Царството Божјо и да работат заедно за создавање на човечка и мирна иднина“, се вели во заклучокот на соопштението.

Нова книга со првите говори на Папата

Одделно, Ватиканската издавачка куќа (LEV) објави нова книга со првите јавни обраќања на Папата Лав XIV, исполнети со силен призвук на мир.

Книгата со наслов „И нека биде мир! Зборови до Црквата и светот“ ќе биде објавена на англиски, италијански и шпански јазик на 27 август.

Во соопштението за медиумите се потсетува на употребата на изразот „невооружен и разоружувачки“ од страна на Папата, наведувајќи дека првпат го употребил францускиот монах Шарл-Мари Кристијан де Шерже, OCSO.

Игуменот на манастирот „Пресвета Богородица од Атлас“ во Тибхирин бил маченички погубен во 1996 година, заедно со шестмина браќа монаси од цистерцијанската опатија во Алжир.

Како што се наведува во соопштението, кардиналот Роберт Превост беше избран за Папа на 8 мај, на литургискиот спомен на Мачениците од Алжир.

Сумирајќи ја содржината на книгата, соопштението наведува дека Папата Лав ја пренесува својата визија и приоритети, меѓу кои се „приматот Божји, заедништвото на Црквата и потрагата по мир“.

„Неговите бројни апели за помирување се насочени не само кон политиката, туку и кон срцето на секој човек“, се вели во соопштението, цитирајќи го Папата:

„Мирот започнува со секој од нас: во начинот на кој ги гледаме другите, ги слушаме другите и зборуваме за другите.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот