Папскиот државен секретар, кардинал Пиетро Паролин, телефонски разговара со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, потврди портпаролот на Светиот Престол Матео Бруни.
Во разговорот, кардиналот го повторил она што папата Фрањо постојано го бара, а тоа е да се стави крај на борбите. Тој, исто така, ја изрази подготвеноста на Светиот Престол за секаков вид посредување за кое се смета дека ќе биде од корист за промовирање на мирот.
Според Матео Бруни, директор на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, кардинал Паролин ја изразил длабоката загриженост на Светиот Отец за војната во Украина. Тој, исто така, го истакнал и она што Папата го рече на минатонеделното обраќање и го повтори апелот да се запрат вооружените напади, да се обезбедат хуманитарни коридори за цивилите и спасувачите и да се замени насилството со оружје со преговори. Завршувајќи го разговорот, државниот секретар ја повтори подготвеноста на Светиот Престол да направи сѐ за да се стави во служба на мирот.
Веста за разговорот ја пренесе агенцијата Интерфакс, повикувајќи се на Министерството за надворешни работи во Москва. Страните изразија надеж дека следната рунда преговори меѓу Москва и Киев ќе се одржи наскоро и дека ќе се постигне договор за клучните прашања, со цел да се прекинат непријателствата, наведуваат руски извори.
Соработниците на министерот Лавров порачуваат дека министерот го информирал кардиналот Паролин за мотивациите на Русија во однос на причините и целите на специјалната воена операција спроведена во Украина.
Во своето обраќање минатата недела, папата Фрањо истакна дека она што сега се случува во Украина не е воена операција, туку војна.
Според соопштението на Министерството за надворешни работи на Русија, посебен акцент е ставен на хуманитарните прашања поврзани со конфликтот, вклучително и мерките за заштита на цивилите, организацијата и спроведувањето на хуманитарни коридори и помошта за бегалците.
Ватикан њуз/к.мк