Сведочењето кое ви го донесуваме е насликано преку два погледа – тоа на поранешната девојка, денес сопруга, и тоа на поранешениот млад човек, денес сопруг. Еден брачен пар зборува отворено и искрено за нивното искуство во подготовките за брак без бакнежи и физички допир, сакајќи со своето сведоштво да заблагодарат за благословите што Господ им ги дал со тоа што се подложиле на Неговиот план за подготовка за брак. Слушнете го Прочитајте го првиот дел од сведочењето во продолжение.
Слушнав за отец Фркин и за одењето со дечко без бакнежи уште како средношколка. Неколкумина од нас ја најдоа неговата брошура „Одење на момче и девојка“ меѓу книгите во парохиската сала и, како што беше горлива тема на таа возраст, ја прочитав одеднаш. Другарката во тоа време имаше дечко, па таа на шега решила да му предложи таков начин на одење, но предлогот не поминал баш добро. Сите се согласивме со него дека такво нешто е неизводливо, затоа што кога ќе се вљубите во некого како ќе се однесувате како брат и сестра? Ех, кога би знаела тогаш, ќе се поштедев од многу рани во односите со момчињата.
Молитва за сопруг
Мојата следна средба со отецот беше во живо, во 2009 година. Сестра ми е кустос во музејот и поставуваше изложба за Фрањевците, а отец Фркин ѝ помогаше. Јас „случајно“ налетав на него кога дојдов да ја соберам сестра ми од работа, затоа што делевме ист автомобил. Има еден прекрасен цитат кој вели: „Случајноста е Божји потпис кога Тој сака да остане анонимен“. И навистина е така. Иако се запознавме и разговаравме само по пат, две реченици на отецот ми се врежаа во моето срце: „Мажот треба да се води, а не да се заведува.“ (Сè е јасно овде, зарем не?) (…)
Во тоа време бев активна хористка, аниматор и планинар и постојано на пат. Додека се дружев со луѓето кои беа во верата, кога и да патувавме некаде молевме Бројаница. И секогаш имаше некој што предводеше една десетка, и јас ќе чекав да ги измолиме сите пет и ќе се вклучев со шестата „Кој нека се смилува на душите во чистилиштето (…)“. Оние кои ме познаваа знаеја за што се молам и често ме задеваа за тоа, но јас не се откажав затоа што длабоко во срцето чувствував дека треба да се молам. Ако душите не ми измолат сопруг, барем мојата молитва малку ќе ги доближи до Прославената црква.
Секој допир се чинеше погрешен
Годините минуваа и јас запознав „погрешни“ момчиња и им дозволив да ме повредат, затоа што не бев цврста во областа на телесноста и духовноста. Се додека не го запознав мојот сопруг. Со него сè беше поразлично уште од самиот почеток. Речиси сè. И со него почнав со држење за раце и бакнување, но овој пат тоа не беше тоа. Иако ме привлекуваше и чувствував дека има во него нешто вредно за „останување“, секој допир ми се чинеше погрешен. Допирите не ми беа пријатни, се согласував на нив повеќе заради него. Тој напомена дека нему тоа му е многу важно, и за мене тоа се подразбираше, поучена од претходните искуства, па се согласив.
Навидум ги имавме сите услови за среќна и стабилна врска, но сепак не функционираше. Во врската ги донесовме очекувањата и искуствата од „претходниот живот“, како што тоа сакаме да го наречеме, и тоа ни ги отежнуваше комуникацијата и поврзувањето. Толку пати сакав да избегам од него и да прекинам сè, но нешто во мене тоа не го дозволуваше, Господ ми шепна дека тој е сопругот што го подготвуваше за мене. Инаку, иако сум прилично разговорлива личност, никако не можев да зборувам отворено со него. Не се препознав кога бев со него. Тој беше прекрасен, се трудеше, а јас стоев пред ѕид што не можев ниту да го прескокнам, ниту да го заобиколувам.
Работите почнаа да доаѓаат на свое место
По разговорот со една прекрасна личност, која заедно со отецот, не задолжија мене и мојот сопруг до крајот на животот, со нивното охрабрување го сменивме начинот на кој одиме и без нив, скоро сигурно, не би биле венчани денес. Таа личност сè уште не го докажа своето сведочење до крај, а јас веќе знаев дека тоа е „тоа“. Откако разговарав со неа, јас отидов на средба со мојот тогашен дечко и не можев да дочекам да седнеме на кафе за да му кажам, веднаш ја „фрлив бомбата“ на паркингот! Си помислив во себе – или тој ќе се согласи или ќе одбие, а потоа ќе престанеме да се гледаме и тоа ќе биде тоа. Во секој случај, така веќе не можеше да се продолжи, затоа што нашето „гледање“ (намерно го користам тој термин, затоа што навистина започнавме да одиме дури после првата средба со отецот) не водеше никаде. Тој малку се изненади кога тоа го слушна, но веднаш се согласи. Фала му на Господа што ми испрати човек кој е во верата, затоа што некој што не е, не би се согласил така лесно.
Да ја скратам долгата приказна, кога почнавме да одиме без бакнежи, сè стана полесно и поубаво. Не можам да кажам дека сè се реши веднаш, но работите почнаа да доаѓаат на место. Почнавме да зборуваме, да комуницираме, бидејќи не можевме да правиме ништо друго! Иако се гледавме скоро половина година пред тоа, го поврзуваме почетокот на нашата врска со одењето кај отецот, затоа што тогаш навистина се решивме еден за друг и прифативме сè што носиме со нас.
Одењето без бакнежи ги поврзува душите
Неколку месеци по првата средба, отецот нè вери со обредот на веридба и пет месеци после тоа се венчавме. Сега сме среќни во брак, имаме прекрасен син и сме отворени за нов живот, кој Господ, се надеваме, ќе ни го испрати. Иако ни беше тешко, се исплатеше. Господ ги излечи нашите рани и нè обликува наново еден за друг. Како што вели мојата пријателка, „Одењето без бакнежи ги поврзува душите.“ И тоа е навистина точно. Не дека не е тешко, но се исплати секој момент. Сите sидови што ги изградив околу мене паднаа во моментот на нашата брачна согласност. Се сеќавам дека се прашував на денот на свадбата: „Господи, дали ќе можам да живеам со овој човек?“ Но, длабоко во душата знаев дека тој е човекот што Господ ми го намени.
На излез од црква, се бакнавме несмасно, се држевме за раце и оттогаш „не се пуштаме“. Она што го „пропуштивме“ за време на одењето, оние интимни моменти кои можеа да нè доведат во искушение, станаа прекрасни „први“ моменти во бракот: првото гледање на филм заедно на каучот, првото заедничко подготвување на оброк, првиот летен одмор на море, уредување на нашиот дом … сето тоа доби посебен шарм во бракот.
Бракови со грижи, а не со проблеми
Горди сме на нашата „статистика на кавги“. Имено, во три години познанство, од кои година и пол брак, никогаш не сме се скарале. Понекогаш се лутиме, најчесто јас, но еден од нас е секогаш доволно трезен за да избегне кавга. Јас не сум темперамент што може лесно да се воздржи. Но, кога станува збор за него, јас замолчив и дозволувам бурата да протатни во мене, зашто не сакам да го повредам со зборови што се резултат на моментални чувства. Кога бурата ќе помине, ние разговараме и го решаваме проблемот. Но, тоа не се проблеми, туку грижи. Отец Фркин убаво вели: „Браковите што се засноваат на овој начин на одење немаат никакви проблеми, туку грижи“.
И навистина е така. Не дека досега немавме тешки моменти, но преку долги нежни разговори научивме да комуницираме, а заедничката дневна молитва ни дава сила да издржиме сè. Токму неодамна се шегувавме и една личност ме слушна како му велам дека ако направи нешто, тоа ќе биде почеток на нашата прва кавга. Таа беше зачудена и праша: „Никогаш не сте се скарале? Каков е ова брак? “И мојот сопруг одговори: „Според Господа“.
Одење без допир – неприродно?
Морам да признаам дека не зборував за тоа додека одевме со сопругот, затоа што се плашев од неразбирање од околината. Знаев дека тоа е вистинскиот пат, но не се осмелував да објаснувам било кому, за да не бидам исмеана. Немав храброст да сведочам отворено за тоа. Затоа сега го кажувам (пишувам) ова сведоштво. Мојот сопруг би рекол: „Треба да викаме од покривите“, затоа што доколку му помогнеме барем и на еден пар да ја изгради својата врска на вистински темели, ќе направивме многу. Бидејќи ваквото одење ги поставува основите на бракот на карпа и искушенијата веројатно нема да ги затресат. Забележав дека многу верници имаат предрасуди да одат без да се бакнуваат и да се допират, дека тоа е нешто неприродно. Но, да се запрашаме зошто би било неприродно да не ја храниме нашата телесност, туку да се даде предност на душите да се поврзат?
Нејасните граници лесно се преминуваат
Под чисто одење најчесто се подразбира да немате сексуални односи пред брак. Но, тоа нè носи во „сива зона“ во која треба самите да ги поставиме границите. И кога границите се нејасни, тие лесно се преминуваат. Одење без бакнежи дава јасни граници и нема страв дека ќе ги придвижиме. Пред брак зборуваме за сексуални односи, а во брак за брачно дарување. Зарем тоа не е прекрасен поим? Дарување на себеси на друг, со срце, душа и тело. Затоа, телесноста би требала да биде резервирана за брак. Сè што е поврзано со телесноста: прегратките, држењето за раце, бакнежите и, се разбира, брачното дарување. Нели се исплати да се воздржуваме од телесност една година, две, три за да се каже „и тие живееја среќни до крајот на животот“? Таквиот крај не постои само во бајките, тоа е можно и во реалниот живот. (Ивана Врабец)
Жена врсна/Кате. М/к.мк