На крајот од светата Литургија во недела 27 октомври 2024 година во парохиската црква „Раѓање на свети Иван Крстител“ во Струмица, парохот протојереј отец Гоце Костов ја благослови иконата на Божјото милосрдие.
Пред благословот тој спомна за четвртата енциклика на папата Фрањо, насловена „Dilexit nos“ (Оној, Кој нè возљуби) која зборува за побожноста кон Пресвето Срце Исусово при што ги наброја побожностите во парохијата кои се однесуваат на Пресветото Срце Исусово и истакнувајќи еден дел од енцикликата рече: Искуствата на Света Фаустина Ковалска, според папата Фрањо, укажуваат на побожност со силен акцент „на Божјото милосрдие”. Вдахновен од ова, дури и свети Иван Павле II. го поврза своето размислување за милосрдието со побожноста кон Срцето Христово. Потоа додаде дека Божјото милосрдие се излева преку Христовото Срце прободено на крстот, од каде што ни доаѓа простувањето. Замислете нашиот Бог да не беше милосрден и да нé не повикува на простување и заедништво со него, каков би бил суров овој свет и токму затоа побожноста кон Божјото милосрдие и Срцето Исусово ќе биде уште посилно изразено во пасторалот на парохијата.
Иконата на Божјото милосрдие секој Прв Петок ќе биде изложена за почитување во парохиската црква во текот на тој ден.
к.мк