Во заедничка соработка помеѓу Светилиштето „Мајка Божја Утешителка – Паљурска“ и парохијата „Свети Кирил и Методиј“ – Богданци, во петок 30 мај 2025 година, верници од парохијата во Богданци имаа ходочестие до црквата на Чуката.
Молебенот го предводеше Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, во заедништво со ректорот на светилиштето протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов и парохот од Богданци протојереј ставрофор отец Тома Ангелов. На нив во молитвеното заедништво им се придружија сестрите Евхаристинки од Гевгелија и Скопје, како и верници од други места.
Во проповедта епископот Стојанов потсети дека од ова место, откако повторно е возобновено, повторно се воздигнува молитва до Господа.
Ова е традиционално ходочестие на парохијата од Богданци, кое се организира во последните денови од месец мај, со што токму во црквата „Мајка Божја Утешителка – Паљурска“ на Чуката ја завршува Мајската побожност.
Светилиштето во Паљурци е едно од четирите ходочеснички места прогласени од епископот Стојанов, на кои во Јубилејната година 2025, може да се добие потполн опрост.
к.мк