„Дајте им вие да јадат“ (Лука 9,13)
Се наоѓаме на осамено место близу Витсаида во Галилеја. Исус му зборува на големо мноштво за Божјото царство. Учителот отишол таму со апостолите како би се одмориле, откако долго време проповедале низ околните краишта, повикувајќи на покајание, носејќи ја радосната вест и лекувајќи насекаде[1]. Уморни, но со исполнети срца, раскажувале што сѐ доживеале.
Кога луѓето дознале каде се, мноштво тргнало по нив. Исус ги примал сите: ги слушал, им зборувал и ги лекувал. Мноштвото станувало сѐ поголемо. Се приближувала вечерта и луѓето почнале да чувствуваат глад. Апостолите се загрижиле и Му предложиле на Учителот разумно и реално решение: „Испрати ги луѓето, нека одат по околните села да најдат сместување и храна.“ Помеѓу другото, Исус и така веќе многу направил. Но Тој им одговорил:
„Дајте им вие да јадат“
Биле збунети. Тоа е невозможно: имаат само пет лебови и две риби за неколку илјади луѓе. Во малата Витсаида не можело да се најде ни основното, а и немале пари за тоа.
Исус сакал да им ги отвори очите. Неговото срце се трогнува од потребите и проблемите на луѓето и Тој се труди да најде решение. Почнувајќи од реалната состојба, Тој го вреднува тоа што го имаат. Вистина е, имаат малку, но Тој ги повикува на мисија: да бидат алатки на Божјата милост, Бог кој се грижи за своите деца. Отецот интервенира, но сепак „потребни“ Му се.
За чудо “потребна“ е нашата иницијатива и нашата вера, а потоа таа самата ќе расте.
„Дајте им вие да јадат“
На приговорот на апостолите, Исус одговара со преземање одговорност, но бара и тие да го направат својот дел, иако е мал. Тој тоа не го потценува. Исус не го решава проблемот наместо нив; чудото се случува, но бара нивно учество со сѐ што имаат и што можат да обезбедат, ставено на располагање за сите преку Исуса. Тоа подразбира жртва и доверба во Него.
Учителот тргнува од она што ни се случува, за да нѐ научи да се грижиме едни за други. Кога ќе се соочиме со потребите на другите, нема изговор („тоа не е наша задача“, „не можам ништо да направам“, „нека се снајдат како и сите ние“). Во општеството какво што Бог го замислил, блажени се оние кои ги хранат гладните, кои ги облекуваат сиромашните, кои ги посетуваат потребните[2].
„Дајте им вие да јадат“
Овој настан потсетува на сликата на гозбата опишана во книгата на пророкот Исаија, која Бог ја подготвил за сите народи, кога Тој „ќе ја избрише секоја солза од секое лице[3]“. Исус ги седнува луѓето во групи по педесет, како во важни прилики. Синот се однесува како Татко и со тоа се истакнува неговото божество.
Тој самиот ќе даде сѐ, до таму што ќе се даде себеси за храна – во евхаристијата, новата гозба на споделувањето.
Соочена со многуте потреби што се појавија за време на пандемијата на Ковид-19, заедницата на Движење на Фоколарите во Барселона преку социјалните мрежи создаде група во која се споделуваат потребите, а исто така се здружуваат добра и средства. Задивувачки е да се види како циркулираат мебел, храна, лекови, апарати за домаќинство… Зашто се вели: „Сами можеме да направиме многу малку, заедно можеме многу.“ И денес групата „Fent família“ помага никој да не биде во потреба, како во првите христијански заедници.[4].
Подготвиле: Силвано Малини и тимот на Слово на животот
[1] Лк 9, 6;
[2] Спореди Mt 25, 35-40;
[3] Исаија 25, 8;
[4] Спореди Дела 4, 34.