„Едно тело и еден Дух, како што сте и повикани кон едната надеж на вашиот позив!“ (Еф 4,4)
Во овогодишната Молитвена осмина за единство на христијаните[1] сме повикани да го насочиме нашето посебно внимание на темата земена од Посланието на свети апостол Павле до Ефесјаните. Во таканаречените „затворски посланија“, Павле ги охрабрува примателите да дадат веродостојно сведоштво за својата вера преку единството. Тоа сведоштво се темели на една вера, еден Дух и една надеж, и само преку него се сведочи за Христос како „тело“.
„Едно тело и еден Дух, како што сте и повикани кон едната надеж на вашиот позив!“
Павле нè повикува на надеж. Што е надежта и зошто сме повикани ја живееме? Таа е семе, дар и задача што сме должни да ја чуваме, да ја негуваме и да ја направиме плодна за доброто на сите.
„Христијанската надеж ни го определува нашето место на тесната планинска гребенска линија, онаа граница каде што нашиот повик бара секој ден и секој час да избираме да бидеме верни на Божјата верност кон нас.“ [2]
Нашиот христијански повик не е само приватна работа меѓу поединецот и Бог, туку е „собирање“, односно заеднички повик; повик на единство меѓу оние кои се трудат да го живеат Евангелието. Во говорите и записите на Кјара Лубик често наоѓаме директни повици на единство, што е суштинска карактеристика на нејзината духовност: единството е плод на Исусовата присустност меѓу нас. Таа присутност е извор на длабока радост.
„Ако на христијанинот единството му е толку важно, тогаш ништо не е поспротивно на неговиот повик од неостварувањето на единството. Грешиме против единството секогаш кога ќе подлегнеме на искушението на индивидуализмот, кој нè тера сè да правиме сами, да се водиме според сопствениот суд, личните интереси или личниот престиж, занемарувајќи ги или дури презирајќи ги другите, нивните потреби и нивните права.“ [3]
„„Едно тело и еден Дух, како што сте и повикани кон едната надеж на вашиот позив!“
Во Гватемала, дијалогот меѓу членовите на различните христијански Цркви е многу делотворен. Рамиро ни пишува:
„Во заедништво со група лица од различни Цркви ја подготвивме Молитвената осмина за единство на христијаните. Програмата вклучуваше и уметнички фестивал осмислен заедно со младите, како и разни прослави во различни цркви. Католичката бискупска конференција нè замоли да продолжиме со оваа активност и да го споделиме искуството со група католички бискупи и лица од различни Цркви кои пристигнаа од цела Америка на средба посветена на 1700-годишнината од Никејскиот собор. Освен конкретните активности, доживеавме и многу силно единство меѓу сите нас, како и плодовите што тоа ги носи: братство, радост и мир.“
Подготвија:
Патриција Мацола и тимот на Слово за живот
[1]Молитвената осмина за единство на христијаните на целата северна хемисфера се одбележува од 18 до 25 јануари, додека на јужната хемисфера се одбележува во седмицата на празникот Педесетница. Текстовите на овогодишните молитви ги подготви екуменска група, координирана од Ерменската апостолска Црква.
[2] Мадлен Делбрел – многумина ја сметаат за една од најзначајните духовни личности на XX век. https://www.pasomv.it/files/bocc/madalein_del_brel_noi_spes.pdf
[3] Киара Лубик, Слово на животот, јули 1985.

