Слово на животот – август 2025

Слово на животот – август 2025

„Зашто, каде што е вашето богатство, таму ќе биде и вашето срце.“ (Лука 12,34)

Овa Исусово учење го пренесува евангелистот Лука. Тој го прикажува Исус како оди со учениците кон Ерусалим, тргнат кон своите страдања, смрт и воскресение. На тој пат им се обраќа нарекувајќи ги „мало стадо“ [1], доверувајќи им ги најдлабоките ставови од своето срце. Тоа се, меѓу другото, откажувањето од земните добра, довербата во Отецот и Неговото провидение, како и внатрешна будност – активно очекување на Божјото Царство.

Во претходните кажувања, Исус ги охрабрува учениците да се откажат од сѐ, па дури и од сопствениот живот, и да не се грижат за материјалните потреби, бидејќи Отецот знае што им е потребно. Ги повикува да го бараат Божјото Царство и ги поттикнува да собираат „неисцрпно богатство на небото“ [2]. Исус, секако, не нѐ повикува на пасивност кон земните добра или неодговорност во работата, туку сака да ни ја одземе вознемиреноста, немирот и стравот.

„Зашто, каде што е вашето богатство, таму ќе биде и вашето срце.“

„Срцето“ овде го означува обединетото јадро на личноста, она што ѝ дава смисла на сета нејзина живеана стварност; тоа е местото на искреноста, каде што нема место за измама и лицемерие. Обично го претставува она што навистина го мислиме, веруваме и посакуваме. „Богатство“ е она што ни е највредно, што за нас има приоритет, она што сметаме дека дава сигурност за сегашноста и иднината.

Папата Франциск пишува: „Денес сѐ се купува и се продава, и изгледа дека самото чувство на достоинство зависи од она што може да се добие преку моќта на парите. Поттикнати сме постојано да акумулираме, да трошиме и да се забавуваме, заробени во едно понижувачко општество кое не ни дозволува да гледаме подалеку од непосредните потреби[3].“  Но, во најдлабокиот агол од срцето на секоја жена и секој маж постои силна потрага по вистинска среќа што не разочарува, среќа која ниту едно материјално добро не може да ја задоволи.

Кјара Лубик напишала: „Да, постои тоа што го бараш: во твоето срце постои бесконечен и бесмртен копнеж; надеж што не умира; вера што ги растерува сенките на смртта и е светлина за оние што веруваат: не се надеваш и не веруваш залудно! Се надеваш и веруваш за да љубиш.“ [4]

„Зашто, каде што е вашето богатство, таму ќе биде и вашето срце.“

Ова Слово нѐ повикува на испитување на совеста: што е моето богатство, што ми е најважно? Тоа може да има различни облици – материјална сигурност, слава, успех, моќ. Искуството нѐ учи дека постојано треба да се враќаме на вистинскиот живот, оној кој не минува – радикален и барачки живот според евангелската љубов:

„Не е доволно христијанинот да биде добар, милосрден, понизен, кроток, трпелив… Тој треба да љуби со љубовта со која нѐ научи Исус. […] Зашто љубовта не значи само подготвеност да се даде животот. Љубовта значи да се даде живот.“ [5]

Со таа мера треба да го љубиме секој наш ближен што го среќаваме секојдневно (во семејството, на работа, насекаде). Така живееме без да мислиме на себе, туку мислејќи на другите, живеејќи ги другите – доживувајќи вистинска слобода.

Подготвиле: Аугусто Пароди Рејес и тимот на Слово на животот.

[1] Лк 12, 32;

[2] Лк 12,33;

[3] Спреди Папа Франциск DILEXIT NOS br. 218.;

[4] Спореди К. Лубик  Lettere dei primi tempi, Giugno 1944, Città Nuova Editrice 2010, стр. 49;

[5] Usp C. Lubich Conversazione in collegamento telefonico, Città Nuova Editrice 2019, str. 152.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот