„Праведен суд барај.“ (5 Мојсеева 16,20)
Петата книга Мојсеева (Повторени закони) содржи низа говори кои ги изговорил Мојсеј кон крајот на својот живот. Тој ги потсетува новите генерации на Господовите закони, додека оддалеку ја набљудува ветената земја кон која храбро го водел Израелскиот народ.
Во оваа Книга Божјиот закон првенствено се претставува како слово на Отецот кој се грижи за своите деца. Тој животен пат тој го дарува на својот народ за да го оствари планот на Сојузот. Ако народот верно го извршува Сојузот од љубов и благодарност, повеќе отколку од страв од казна, и понатаму ќе биде во Божјата близина и ќе ја има Неговата заштита.
Еден од начините како конкретно да се оствари тој Сојуз, добиен како дар од Бога, се состои во одлучно спроведување на правдата. Верникот ја остварува кога со благодарност се сеќава дека Бог го одбрал својот народ и избегнува да почитува било кого освен Господ, но и кога се откажува од личната корист која му ја затемнува совеста за потребите на сиромашните.
„Праведен суд барај.“
Во секојдневието се среќаваме со многу неправедни ситуации, понекогаш и тешки, особено на штета на сиромашните, оние кои преживуваат на маргините на нашите општества. Колку Каини се насилни кон братот или сестрата!
Искоренувањето на нееднаквоста и злоставувањето е основно барање на праведноста, почнувајќи од нашето срце и од просторот на нашиот општествен живот.
Но сепак Бог не ја извршува својата правда уништувајќи го Каин, туку пред сѐ се грижи да го заштити за да може да го продолжи својот пат. Божјата праведност е дарување на нов живот.
Ние христијаните го сретнавме Исус. Со свои зборови, но пред сѐ со дарот на животот и со светлината на Воскресението, Тој ни објави дека Божјата праведност е во неговата неизмерна љубов кон своите деца. Преку Исус ни се отвора пат да го практикуваме и да го шириме милосрдието и простувањето, што е темел на општествената праведност.
„Праведен суд барај.“
Овој извадок од Светото Писмо е одбран за одбележување на „Молитвената осмина за едниство на христијаните 2019“, која во северната хемисфера се одржува од 18 до 25 јануари. Ако и ние го прифатиме ова Слово, ќе можеме да се заземеме во барање на патишта на помирување, пред сѐ меѓу христијаните. Дарувајќи се потоа преку служењето на сите, ефикасно ќе ги лечиме раните од неправдата.
Веќе неколку години токму тоа го доживуваат христијаните од различни Цркви кои заедно им се посветуваат на затворениците во градот Палермо во Италија. Иницијативата ја започнал Салваторе, член на едно евангелско здружение: „Станав свесен за духовните и човечките потреби на тие наши браќа. На многу од нив роднините не можеа да им помагаат. Се надевав на Бога и за ова разговарав со браќата од мојата Црква и од другите Цркви“. Кристин од Англиканската Црква додаде: „Драго ни е што можеме да им помогнеме на тие браќа во потреба. Со тоа станува конкретна Божјата провидност. Тој сака Неговата љубов да допре до сите, преку нас.“ А Нуниза која припаѓа на Католичката Црква вели: „Во тоа видовме прилика да им помогнеме на браќата во потреба, но и да дадеме придонес во навестувањето на Исус преку малите материјални нешта.“
Тоа е и остварување на молитвата на Кјара Лубик од 1998 година, изговорена во евангелската црква света Ана во Аугсбург, за време на една екуменска средба:
„Ако ние христијаните погледнеме во нашата историја […] не можеме, а да не се натажиме разбирајќи како често имало низа насогласувања, расправии и борби. За тоа сигурно се виновни историските, културните, политичките, географските и општествените околности, но и затоа што меѓу христијаните исчезнал оној елемент карактеристичен за нив: љубовта.
Екуменската работа ќе биде плодна доколку оној кој ѝ се посветува, во распнатиот и напуштениот Христос кој му се препушта на Отецот, гледа клуч за разбирање на секое неединство и за повторно воспоставување на единство. […] А живееното единство има еден ефект. […] Тоа е Исусовата присутност меѓу луѓето, во заедницата. „Зашто, каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив.”, рекол Исус. Исус меѓу католиците и англиканците кои се љубат, меѓу англиканците и православните, меѓу припадниците на Ерменската и реформираните цркви кои се љубат. Колку мир веќе од сега, колку светлина за вистински екуменски пат.“
Летиција Магри