„Покажи ми ги, Господи, патиштата Твои и научи ме да врвам по патеките Твои.“ (Псалм 24, 4)
Царот и пророкот Давид, автор на овој псалм, притиснат од тегобноста и сиромаштијата чувствува дека е во опасност пред своите непријатели. Тој би сакал да најде некаков пат и да излезе од таа болна ситуација, но ја доживува својата немоќ.
Затоа го издигнува својот поглед кон Бог на Израилот, кој отсекогаш го чува својот народ, и го повикува со надеж дека ќе му притекне на помош. Словото за живот за овој месец особено ја истакнува неговата молба за можноста да ги запознае патиштата и патеките Господови, како светлина за своите избори, особено во тешките ситуации.
„Покажи ми ги, Господи, патиштата Твои и научи ме да врвам по патеките Твои.“
И ние понекогаш мораме да донесеме одлуки значајни за нашиот живот, кои ја обврзуваат свеста и целото битие. Понекогаш имаме пред нас многу можни патишта и не сме сигурни кои се најдобри, а понекогаш ни изгледа дека немаме ниту еден…
Барањето пат за наш напредок е длабоко човечки, па понекогаш имаме потреба да го молиме за помош некој кој го сметаме за пријател.
Христијанската вера ни помага да влеземе во пријателство со Бог. Тој е татко кој ги познава нашите длабочини и со радост нé следи на нашиот пат.
Тој секојдневно повикува секого од нас слободно да тргне во авантура во која компас ќе ни биде безусловната љубов кон Него и кон неговите деца.
Патиштата и патеките се поводи за средби со другите патници, за откривање на нови цели кои треба да ги поделиме. Христијанинот никогаш не е изолиран. Тој е дел од народот кој е на пат кон она што Бог Отецот го наумил за човештвото. Тој наум Исус ни го објави со своите зборови и со сиот свој живот: општо братство, цивилизација на љубовта.
„Покажи ми ги, Господи, патиштата Твои и научи ме да врвам по патеките Твои.“
А патиштата Господови се смели. Понекогаш изгледаат дека се на границата на нашите можности, како мостови од јажиња кои ги поврзуваат камените ѕидови.
Тие се предизвик на егоистичните навики, предрасудите, лажната понизност и ни отвораат нови хоризонти на дијалог, средби, залагање за општо добро. Од нас најмногу се бара секогаш нова љубов, втемелена на карпата на љубовта и верноста Божја кон нас, која досегнува сé до простувањето. Тоа е неизоставен услов за изградба на однос на праведност и мир меѓу луѓето и меѓу народите. И сведоштво за едноставен но автентичен гест на љубовта кој може да го расветли патот во срцата на другите. За време на една средба во Нигерија, на која младите и возрасните можеа да споделат лични искуства на евангелската љубов, девојчето Маја раскажа: „Вчера додека си игравме, едно момче ме турна и паднав. Ми кажа „извини“ и јас му простив.“
Тие зборови го отворија срцето на човекот чиј таткото го убија припадници на терористичката група Боко Харам: „Ја гледав Маја и помислив: како таа, мало девојче, може да прости, тоа значи и јас можам да го направам истото“, рече.
„Покажи ми ги, Господи, патиштата Твои и научи ме да врвам по патеките Твои.“
Ако сакаме да се потпреме на сигурно водство на нашиот пат, да се сетиме дека токму Исус рече за себе: „Јас сум патот“ (Иван 14,6) Обраќајќи им се на младите собрани во Сантијаго де Компостела, на Светскиот ден на младите 1989 година, Кјара Лубик ги охрабри со следните зборови:
„[…]Нарекувајќи се самиот себе си Пат, сакал да каже дека мораме да чекориме како што чекореше Тој […]. Може да се каже дека патот по кој чекореше Исус има едно име: љубов […]. Љубовта која Исус ја живееше е посебна, специјална и единствена. […] Тоа е истата љубов која гори во Бога. […] Но кој да се љуби? Да се љуби Бог секако е наша прва должност. Потоа: да се љуби секој ближен. […]
Од утро до вечер секој однос со другите треба да се живее со таква љубов. Дома, на факултет, на работа, на спортските терени, на одмор, во црквата, на улица, мораме да ги воочиме разните поводи за да ги љубиме другите како себе си. Гледајќи го Исус во нив, не занемарувајќи никого, уште повеќе први љубејќи ги сите.[…] Да влеземе подлабоко во душата на другиот; да ги разбереме вистински неговите проблеми, неговите потреби, неговите неволји, но и неговите радости, за да можеме со него да поделиме сé. […] На некој начин да станеме другиот. Како што Исус – Бог од љубов стана човек како нас. Така ближниот ќе се чувствува сфатен и олеснет, затоа што има некој кој со него ги носи неговите тежини, неговите страданија и ги дели неговите мали радости.
Да се живее за другиот, да се живее за другите – тоа е голем идеал, тоа е суперлатив. […]“
Летиција Магри