Слово за живот – декември 2017

Слово за живот – декември 2017

„Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!” (Лука 1,38)

Една млада жена во својот дом во Палестина, безимена периферија на моќното Римско царство, ќе прими неочекувана и вознемирувачка посета. Божјиот гласник ќе ѝ упати повик и ќе го чека нејзиниот одговор.

„Радувај се, благодатна!“ ѝ вели ангелот. Потоа ќе ѝ ја објави големата Божја љубов кон неа и од неа ќе побара соработка и исполнување на Неговиот план за човештвото.

Марија во чудење и со радост ќе го прифати дарот на личната средба со Господ. Бидејќи има целосна доверба во Божјата љубов потполно му се предава на тој сѐ уште непознат план. Со своето великодушно и целосно согласување Марија решително ќе се предаде во Неговата и во служба на луѓето, покажувајќи им со својот пример на сите, прекрасен начин на прифаќање на Божјата волја.

„Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!”

Размислувајќи над оваа реченица од Евангелието, Кјара Лубик ќе запише:  „ За да ги исполни своите планови, на Бог му се потребни само оние лица кои Нему му се предаваат со својата понизност со подготвеност на слуга. Марија, вистинска претставничка на човештвото чија судбина таа ја презема, со овој став му го остава на Бог сиот простор за неговата творечка активност. Но освен што изразува понизност, поимот ’слуга Господов’ е и благороден назив што им се припишува на големите слуги во историјата на спасувањето, како што се Авраам, Мојсеј, Давид и Пророците. Затоа  со тие зборови Марија ја потврдува сета своја величина.“

„Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!”

И ние можеме да ја откриеме Божјата присутност во нашиот живот и да го слушнеме  „зборот“ што ни го упатува, за да нѐ повика во историјата, тука и сега, делче од Неговиот план за љубовта. Нашата кршливост и чувство на несоодветност би можеле да нѐ запрат. Затоа да ја присвоиме реченицата на Ангелот: „зашто нема да остане во Бога ниеден збор без сила“ имајќи повеќе доверба во Неговата моќ отколку во нашите сили. Тоа ќе нѐ ослободи од условеноста и умисленоста дека сме си доволни сами на себе, ќе ни помогне на видело да излезат нашите најдобри сили и таленти за кои не сме знаеле и конечно ќе нѐ направи способни и ние да љубиме.

Еден брачен пар го раскажа следново: „Од самиот почеток на нашиот брак го отворивме нашиот дом за родителите на децата сместени во болниците на нашиот град. Низ нашиот стан поминаа над стотина семејства, секогаш настојувајќи да бидеме семејство за нив. Провидноста често ни помагаше и материјално да го поддржиме тоа прифаќање, но пред тоа секако требаше да постои нашата расположливост. Неодамна примивме една сума пари и сакавме да ја ставиме на страна, сигурни дека некому ќе му биде од корист. И навистина, набрзо стигна уште една молба. Се е игра во љубовта со Бог, а ние  мораме да бидеме само послушни и да останеме во играта.“  

„Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!”

За да ја живееме ова реченица од Евангелието, може да ни помогне предлогот на Кјара да го примиме Божјото Слово онака како што тоа го направила Марија:„..со целосна подготвеност, знаејќи дека тоа не е човечки збор. Бидејќи Божјиот збор во себе ја содржи Христовата присутност. Заради тоа прими го Христа во себе по неговиот збор. И со активна подготвеност од миг во миг спроведувај ја во пракса. Ако тоа го сториш, светот одново ќе го види Христос како поминува низ улиците на нашите модерни градови, Христос во тебе, облечен како и сите други, онака како работи во канцелариите, во училиштата, во најразличните средини, меѓу сите.“

Во ова време на подготовка за Божик и ние како што тоа го правела Марија, да настојуваме да одвоиме малку време за да се сретнеме лице во лице со Господ, можеби читајќи една страница од Евангелието. Да се обидеме  да го препознаеме Неговиот глас во нашата совест, просветлена со Словото за живот и чувствителна на потребите на браќата кои ги сретнуваме.

Да се запрашаме: как можам да бидам Исусова присутност денес, таму каде што живеам, за да можам да придонесам човечкиот соживот да стане сеемен?

А зборот „еве ме“ со кој ќе одговориме, ќе му овозможи на Бог да сее мир околу нас и да ја зголеми радоста во нашето срце.

Летициа Магри

 

Категорија: Вера, Духовност

За авторот