Од Светото Евангелие според Лука (11, 42-46)
42. Но тешко вам, фарисеи, оти давате десеток од нане и рута, и од секаков зелен, а преминувате преку судот и љубовта Божја; ова требаше да го правите, но и она да не го оставате. 43. Тешко вам, фарисеи! Оти сакате да сте на првите места во синагогите и да ве поздравуваат по плоштадите! 44. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти сте како сокриени гробови, преку кои луѓето одат и не ги знаат.” 45. Одговори некој од закониците и Му рече: „Учителе, кога го говориш тоа, Ти и нас нè навредуваш.” 46. Но Он рече: „Тешко и на вас закониците, што ги натоварувате луѓето со тешки бремиња за носење, а вие сами ни со еден прст не се допирате до тие бремиња.
(…) Фарисеите биле за беспрекорна чистота, за еврејската традиција и законот, не сакале никакво мешање со паганството, еленизмот, посебно не со верските пагански практики. Но, паѓале во опасност да ја занемарат или заборават љубовта кон Бог и ближниот и праведноста, на што самиот Исус поттикнува. Ова е важно да се направи, а тоа да не се пропушти. Исус им приговара дека им недостасува праведно расудување, за оние на кои им е потребна човечката и Божјата помош. Исто така и расудување за она што на ближниот му е од корист.
Први места и поздрави во синагогите. Фарисеите барале во јавноста признание, почитување, да се прочуени меѓу народот. Исус за тоа остро ги критикува. Ги споредува со сокриени гробови на полето или некаде во градина околу кои повеќе никој не се грижи. Со ништо не се одбележани и луѓето по нив газат. (…)
Исусовото „тешко вам“ има шокантен ефект, сака да ги поттикне луѓето на преобраќање. Но, наместо преобраќање тие Исусови зборови на слушателите им делуваат навредливо, постигнуваат спротивен ефект, стануваат уште потврди и најголеми противници.
После зборовите упатени и кажани за фарисеите, го подигнува гласот некој законик приговарајќи му на Исус дека и нив ги погодуваат и навредуваат неговите зборови. Наводно Исус ги навредува и нив стручњаците за законот, нивната служба. Исус му вели дека токму на нив мисли, на нив закониците! Добро што ме слушнавте, што сфативте дека сето тоа се однесува и на вас. Затоа доброто слушнете! Вие ги оптеретувате луѓето со тешки бремиња за носење, а вие сами ни со прст не се допирате до тие бремиња.
Посебно вашите амбиции, лудоста за првите места, службите, суетата. Говорот за сокриените гробови требало да ги растресе одвнатре. Целата нивна побожност, целото нивно одржување на Мојсеевиот закон одвнатре е мртво. Не дозволувате да живеете ниту самите, ниту другите. Го гушите животот! Целиот ритуал, церемонија, целата храмска богослужба, па и денес нашето богопочитување, ако нема срце, ако не е вдахнато од Светиот Дух, останува надворешно поставување, профан раскош.
Овде треба да се направи разлика помеѓу дволичен и фарисеј. Дволичниот знае за својата состојба, тој знае што е во него, но пред луѓето се преправа и се прави поинаков. Тој симулира. Додека за „фарисејот“ нема спас. Фарисеите не знаат колку, во која мерка е смртоносно она што тие го прават. Тие со својот живот прават фасади, додека зад нив пустош, грабеж, нечистотија и смрт.
Да се сетиме на растресеноста на Петар за големиот улов на риба. Страв го обзема, едноставно посакал Исус да отстапи од него затоа што не е достоен, затоа што е обичен грешник и смртник. Спознанието пред Исус за својата изгубеност, грешност, и тоа станува повод Исус да го земе во своето друштво. Исус прави во неговиот живот силна револуција. Петар ја спознава својата шанса, ја прифаќа Исусовата рака и во иднина станува пример како Исус го менува човекот кој ќе одговори на неговиот повик. Книжниците и фарисеите не ја прифаќаат испружената Исусова рака. Остануваат настрана и засекогаш заробени како луѓе на разликата помеѓу животот и желбата, реалноста и можностите.
Меѓугорј/к.мк