(…) Исус го раскажува примерот за богатиот човек на кој нивата му родила многу.Речиси е нормално да размислуваш што да направиш во тој случај. Богатството не го стекнал неправедно, не е тој виновен што таа година била благословена, изобилна и плодна. Ќе ги урне старите амбари, ќе подигне нови, па ќе натрупува богатство врз богатство, ќе го умножува. (…)
Постапува неразумно затоа што со никој не се советува, ниту со човек, ниту со Бог. Тој се врти околу себе и својот имот, тој ги смислува своите планови, тој држи монолози самиот со себе. Сам разговара. Тој мисли дека може со сè да располага како што сака, колку сака и каде сака. Па, ниту во вечноста нема да положува сметка за богатството кое го стекнал. Не го стекнал неправедно или со кражба. И не вели Исус дека тоа богатство одлучува за неговата вечна судбина. Само вели дека богатството не му останува, дека животот не е во имотот, ниту во поседувањето на големи залихи за лоши денови.
Не е свесен дека сè му е подарено, започнувајќи од животот. Мисли дека сè што има, и животот и здравјето, и богатството едноставно е негово, на тоа тој има право. (…)
Исус само вели дека човекот е глупав и безумен! „Безумниче“ – така Исус му вели! Добро е тоа што мислиш, еден чекор понатаму. Но, мисли два чекора. Мисли на она што следува задутре, а не само утре. Сите оние кои денес неморално живеат мислат: Животот е сè, смрт нема. Смртта е далеку. Зошто си се фокусирал само на себе, на богатството, а не на Бог. Зошто не се богатиш во Бог? Зошто си пропуштил да мислиш во животот на Бог? Зошто не си пронашол она што твојот живот го носи? Кому ќе му припадне тоа што си го стекнал. Ништо од сето тоа не ти користи. Знаеме дека смрттната облека нема џебови. Знаеме дека ништо не сме донеле на овој свет и од него ништо нема да можеме да однесеме со себе во вечноста. (1Тим 6, 7)
Која е грешката на човекот? Заборавил на вечноста и на Бог. На Бог воопшо не смета, а ниту на други луѓе. Целата своја сила ја става на земското. Кој го заборава Бог, живиот Бог, кој се објави во Исус Христос, е обичен идолопоклоник. Се поклонува на лажни богови. Кој го заборава Бог, ја заборавил важната врска, суштинскиот однос на својот живот. Тој е како брод без товар и тежина кој брановите го туркаат, а малку посилен ветар го превртува. Сето она во што човекот ја ставал својата сигурност, на крајот се срушува како кула од карти. Исчезнува во еден момент. (…)
Кој во животот не смета со смртта, безумно постапува. Смртта може да дојде во секој момент, и затоа е апсолутно погрешно да се одложуваат животните одлуки за само некое време, ако човекот ја спознал вистината и исправноста на она за што се одлучува. Времето не е неограничен ресурс по кој човекот во секое време може да посегне или во кој може секогаш да ги оствари плановите. На секој му следува неговиот личен суд покрај гробот. Секој е препуштен сам на себе во моментот на смртта и судот. Затоа треба мудро да го искористиме времето. (…)
фра Томислав Перван