Од светото Евангелие според Лука (17, 20-25)
20. Запрашан од фарисеите, кога ќе дојде царството Божјо, Он им одговори: „царството Божјо нема да дојде забележливо, 21. ниту ќе кажат: »Еве, овде е« или: »Ене, онде е«. Зашто царството Божјо е во вас внатре.” 22. И им рече: „Ќе дојдат дни, кога ќе сакате да видите еден од деновите на Синот Човечки, и нема да видите: 23. и ќе ви речат: »Еве, овде е« или, Ене, онде е«. – Не одете и не барајте! 24. Зашто, како што молњата, кога ќе светне од едниот крај на небото го осветлува и другиот, така ќе биде и Синот Човечки во Својот ден. 25. Но, најнапред Он треба многу да пострада и да биде отфрлен од овој род.
(…) Заради своето учење и бројните приговори во однос на нивното однесување Исус бил за фарисеите трн во око. Па сепак, тие сакале или не, морале да признаат дека во многу работи ги надминува. Му поставиле прашање кое „висело во воздухот“, прашање со најголема важност за сите Израелци: Кога ќе дојде Царството Божјо? Исус им одговора, но не онака како што тие очекувале. Доаѓањето на Царството Божјо одземало три карактеристики на кои тие најмногу сметале: местото, времето и забележувањето. Царството Божјо секогаш е таму каде што се луѓето. Тоа е во нивните срца. Се разликува од очекуваното царството и според тоа не доаѓа преку славата, туку преку крстот и маката. Затоа многумина не го разбираат и го отфрлаат. Кој сака да го сфати и прифати, не смее да се исплаши.
Фарисејското прашање кога ќе дојде Божјото Царство, и нас нè соочува со едно прашање: дали ја очекуваме Божјата иднина или живееме според тоа: земи сè што животот ти дава, затоа што и онака тоа е сè на што можеш да се надеваш. Дали сме фокусирани само на себе и ги забораваме, потиснуваме клучните прашања, живеејќи од ден на ден и уверувајќи се дека сè ќе биде некако? Дали ја сведуваме потрагата за смисла и среќа на напорите да зарабтиме некој денар, да успееме на работата, во врската, во семејството, пријатно да си го организираме слободното време…? Па, сепак, можеби во длабочината на душата чувствуваме дека парите не се сè, затоа што тие не можат да ни ја купат среќата и спасението, не можат да го задоволат нашиот стремеж. Но, фарисејското прашање крие во себе и сомнеж: дали навистина е можно твоето Царство да е меѓу нас? Ништо од тоа не гледаме, ништо не се променило на подобро, евентуално само на полошо… Нели е тоа и наше прашање? Неговото Царство не може да се „фати“ ниту да се „види“,ниту пак Бог и во таа смисла не ни е на располагање. Што се однесува до неговото Царство, живееме во тензија помеѓу столбови, помеѓу „веќе е тука“ и „сè уште не е тука.“ Тоа изненадува како гром, често среде сосема секојдневни работи, каде луѓето живеат и љубат… Тука, среде животот, еден дел од светот во мене започнува да се обликува онака како што Бог сака. Царството Божјо истовремено е и ветување и задача. Задача да живееме во согласност со Божјата волја, да делуваме напојувајќи се од неговата сила, а со цел за сите да имаат живот. Амин.
Парохија А. Степинац