Скопје: Прославен празникот Пресвето Тело и Крв Христови

Скопје: Прославен празникот Пресвето Тело и Крв Христови

Бискупот Стојанов на празникот Пресвето Тело Христово ја предводеше свечената света Миса во Скопската катедрала „Пресвето Срце Исусово“ во сослужение со катедралниот парох о. Винко Маслаќ, о. Марјан Ристов, канцелар и катедралниот викар о. Маријан Бешлиќ.

Во својата проповед бискупот Стојанов меѓу другото рече: „Пресветата Евхаристија што ја примаме на светата Литургија ни помага да бидеме поблиску до Христос и неговиот живот и дело. Христос преку малото парче леб сака да влезе во нас – во секој атом на нашето битие. Не дека станува како нас, туку ние стануваме како Него, стануваме Христови, христијанизирани,односно христијани“.

„Зарем не е чудесна нашата Евхаристија? Господ – Творец на целиот универзум, сè што постои, сè што гледаме и не гледаме – на чудесен начин се става во парче леб и капка вино за да можеме ние луѓето да го примиме. Ниту еден од нас, ниту еден човек, не може да ја сфати оваа тајна. Ниту еден човек не може да сфати како е можно тоа. Ниту еден уред за мерење или технички инструмент не може да го докаже ова. Но, повторно – тој е таму на таков скромен и едноставен начин – а сепак толку возвишен и мистериозен. Свети Фрањо ова на прекрасен начин го искажува со чудо ја гледаше Пресветата Евхаристија: „О скромна ли возвишеност, возвишена ли понизност!“ – истакна бискупот Стојанов.

При крај на светата Литургија следеше процесија со Пресветата Причест во која учество зедоа сите верници присутни на светата Евхаристија. За време на светата Литургија пееше катедралниот хор под диригенство на маестро Јулија Неловска.

Бискупот Стојанов упати искрени честитки до Провинцијалната настојателка с. Бернардина Сирачева и сите Сестри Евхаристинки, кои се посветени на Пресветата Евхаристија. Сестрите Евхаристинки се основани 1889 година во Солун. Денес тие делуваат во Македонија и Бугарија, а на посебен начин се вклучени во Скопска бискупија и во Струмичко-скопската епархија.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Вести, Македонија

За авторот