Скопскиот бискуп Стојанов служеше света Литургија за мир во Украина

Скопскиот бискуп Стојанов служеше света Литургија за мир во Украина

На четвртата годишнина од почетокот на војната во Украина, на 24 февруари 2026 година, скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, служеше света Литургија во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, за мир во оваа напатена земја. Со него сослужуваше протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, патер Винко Маслаќ, протојереј ставрофор отец Марјан Ристов и отец Тони Ангелов.

На светата Литургија присуствуваше амбасадорката на Украина во Македонија, Н.Е. Лариса Дир, како и претставници на Владата, Собранието, дипломатскиот кор, локалните власти, членови на украинската заедница во Македонија и други верници и гости.

Во проповедта, бискупот Стојанов се осврна на болката што ја носи долготрајниот конфликт и на последиците што секојдневно ги трпат луѓето, семејствата и особено децата. Тој истакна дека секој нов ден на војна е премногу и дека мислите природно се насочуваат кон изгубените човечки животи, уништените домови и разделените семејства.

Осврнувајќи се на прашањето кое често се јавува во време на страдање, „Каде е Бог?“, бискупот потсети дека ова не е нов крик и дека Светото Писмо не го премолчува, наведувајќи ги зборовите на Псалмистот: „До кога, Господи, сосема ќе ме забораваш, до кога ќе го одвраќаш лицето Свое од мене?“ (Псалм 12,1). Воедно, посочи дека Писмото предупредува и на опасноста од духовната заслепеност и моралната расипаност, цитирајќи го Псалмистот: „Рече безумниот во срцето свое: ‘Нема Бог’. Се развратија луѓето, извршија гнасни дела, нема кој да прави добро“ (сп. Псалм 13,1).

Бискупот нагласи дека Евангелието покажува каде да се бара Бог: Тој не далечен на човечкото страдање, туку влегува во него. Во Христос, Бог се приближува до секој страдалник. Во тој контекст, бискупот ја постави и другата страна од прашањето: каде е човекот, каде е човечкото срце и способноста другиот да се препознае како ближен?

Осврнувајќи се на пошироката реалност на конфликтите во светот, бискупот потсети на зборовите на папата Фрањо, кој говореше за „Трета светска војна во делови“. Тој предупреди дека растечките стравови и недоверба често водат кон логика според која безбедноста се бара во оружје и воена моќ, а таквиот пристап ја продлабочува спиралата на насилство, особено кога срцето останува заробено во омраза.

Во проповедта беше нагласена и пораката на папата Лав XIV за мирот, според која Христовиот мир е „разоружан и разоружувачки“, со сила да ја прекине одмаздата и да го разоружа човечкото срце. Бискупот ги наведе Христовите зборови: „Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам. Не ви го давам како што го дава светот. Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се плаши“ (Иван 14,27), нагласувајќи дека стравот на учениците бил реален, исто како што е и стравот на денешниот свет. Воедно посочи дека Евангелието сведочи оти уште поголема била нивната вознемиреност поради Неговиот ненасилен пат, поради што Христос јасно повикува да не се посега по сила: „Стави го ножот во ножницата“ (сп. Иван 18,11; Матеј 26,52).

Во тој дух, бискупот упати на важноста да се „разоружа јазикот“, бидејќи зборот што понижува го подготвува насилството, а зборот што почитува отвора простор за исцелување, дијалог и надеж. Како срж на христијанскиот одговор, го посочи апостолскиот повик: „Не дозволувај злото да те победи, туку победи го злото со добро“ (Римјаните 12,21).

На крајот, бискупот Стојанов повика на молитва за крај на војната во Украина и за прекин на сите војни во светот, за утеха на оние што плачат, за исцеление на срцата исполнети со омраза и за мудрост на оние што носат одлуки. Потсети дека Божјата близина станува видлива преку дела на милосрдие, според Христовото учење за љубовта што се претвора во конкретна грижа за гладниот, сиромавиот и страдалникот (сп. Матеј 25,31–46). Проповедта заврши со евангелскиот повик: „Блажени се миротворците“ (Матеј 5,9).

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот