Пишува: о. Гоце Костов
Иако се повеќе од јасни, но сепак можеби многумина овие денови се прашуваат за ставот на Католичката црква во Македонија во однос на Законот за родова еднаковост и Законот за водење матична евиденција, кои се актуелни овие денови. Ставот на Католичката црква во светот е став и на Католичката црква во Македонија и можам да кажам дека родовата идеологија не е тема за која Католичката црква се занимава само овие денови, туку таа е во фокусот веќе со години наназад, за што постојано предупредува и јасно и недвосмислено го искажува својот став.
Но да почнеме по ред.
Ако не единствен, тогаш еден од ретките и ако не прв, тогаш еден меѓу првите, бискупот Стојанов јавно ги повика пратениците за Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство односно Истанбулската конвенција. Имено на 24 декември 2017 година Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов по повод ратификацијата на т.н. Истанбулската конвенција упати допис до највисокиот Законодавен дом на Република Македонија при што за Истанбулската конвенција истакнува дека во неа постојат нејасни термини, со што се отвора можноста за повеќе нејасни процедури кои потоа имаат трагични последици. Се мешаат термините род и пол. Човекот се раѓа со одреден пол кој го прави маж или жена. Детето не е без таа определба за да после му остане можност за избор. Ова е определба, а не избор. Природата се дава по раѓање, а не по избор. Со таквата нејаснотија се воведува таканаречена нова „Родова идеологија“ која се противи на научните факти и доктрината на Црквата. Во таа Декларација – на многу вешт начин – е понудена и можноста за такво воспитување на сите нивоа на образование од предучилишно образование до високо образование. На тој начин се нарушува природното право на образование на родителите и сите учесници во воспитувањето, чиишто ставови се во согласност со верските принципи. Така, едно право го нарушува природното право на другиот што според здравиот ум и науката на Црквата е недозволиво.
Во тој допис бискупот Стојанов ги повикува пратениците во вакви деликатни работи да постапат исклучиво одговорно според својата совест, имајќи ја во вид иднината и општото добро на народот од кој што се избрани во вакво високо Тело на одговорност и да не се ратификува така формулираниот документ во Собранието на Република Македонија.
Можеме да кажеме дека Католичката црква во Македонија на чие чело е монсињор Киро Стојанов веќе во 2017 година го вклучи алармот, а огнот продолжи да тлее. (Целиот текст можете да го прочитате на следниот линк)
Со предложениот Закон за родова еднаковост и Законот за водење матична евиденција, кои се актуелни овие денови, огнот може да се разгори и да предизвика пожар, како последица на Истанбулската конвенција, кој сигурно ќе се прошири и зафати многу закони, почнувајќи од Законите кои се однесуваат на образованието, бракот и семејството, претпоставувајќи дека тие се најпрво на мета.
Католичката црква е потписник на соопштението потпишано на 5 мај 2023 година од Поглаварите на петте верски заедници наведени во Уставот на Македонија, а во врска со Предлог-законите за матична евиденција и за родова еднаквост и со тоа уште еднаш јасно се потврдува ставот на Католичката црква.
Присуството на бискупот Стојанов, свештеници и верници на Сенародниот протест организран од страна на МПЦ на 29 јуни пред Соборниот храм во Скопје не е само поддршка на МПЦ, туку и потврда на сопствените ставови.
Во Велигденска честитка од оваа година бискупот Стојанов покрај другите предизвици со кои се соочува денешното човештво предупреди дека има обиди за пишување на нова антропологија во која нема место за Бог.
Порталот Католици.мк (основан 2013 година) веќе на почетокот на 2014 година има објавено статија за ова прашање, поради што на 17 декември 2021 година беше доставена претставка од Здружение на граѓани за сексуални и родови малцинства Субверзивен фронт заведена под број 0801-467/1 во КСЗД за сторено вознемирување врз основа на пол, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, личен или општествен статус, сексуална ориентација и родов идентитет. Во тој случај КСЗД донесе мислење со кое не се утврдува вознемирување врз основа на пол, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, личен или општествен статус, сексуална ориентација и родов идентитет врз ЛГБТИ+ заедницата во областа на јавно информирање и медиуми.
Ставот на Католичката црква, не само во Македонија, туку во целиот свет е многу јасен и е предводник во светот за зачувување на традиционалното семејство и бракот.
За Црквата и понатаму гордоста е грев, како и славењето на гревот. Согласно учењето на Католичката црква родовата идеологија во никој случај не може да биде прифатена, истакнувајќи дека кон таквите лица треба да се избегнува секаков вид неправедна дискриминација. Она што е важно да се истакне дека Црквата ги љуби и ги повикува на чедност, постепено и одлучно да се доближат до христијанското совршенство.
Се надевам дека сите овие напори ќе донесат резултат и дека нема да успее обидот за „идеолошка колонизација“.