Селекторот на Шпанија откри дека се моли секој ден

Селекторот на Шпанија откри дека се моли секој ден

Луис де ла Фуенте, селекторот на шпанската репрезентација, отворено зборува за својата вера и секојдневната молитва, нагласувајќи дека не се моли само пред важни натпревари, туку секој ден од благодарност кон Бога.

На 14 јули Шпанија стана првиот финалист на Светското првенство. Ден пред полуфиналниот натпревар против Франција, селекторот Луис де ла Фуенте пред новинарите зборуваше за својата секојдневна молитва, со зборови што можат да бидат поттик и за спортистите и за навивачите.

„Се молам секој ден, но не затоа што сум на Светско првенство“, рече тој.

Кога беше прашан за својот духовен живот за време на Светското првенство, особено пред важниот натпревар на неговиот тим, Де ла Фуенте објасни дека молитвата за него не е поврзана само со спортскиот резултат.

Тој истакна дека би било неправедно да Го моли Бога да му помогне нему, а не и на противникот.

„Се молам секој ден, но не затоа што сум на Светско првенство или затоа што сакам да постигнам одреден резултат. Секој ден благодарам. Секое утро кога се будам и се чувствувам добро, си велам: уште еден ден во кој ќе можам да уживам во животот. Благодарам за тие мали работи. Се молам затоа што се молам секој ден, а не за Бог да ми помогне повеќе“, изјави тој пред новинарите.

Што бара од Бога

Де ла Фуенте рече дека во молитвата бара пред сè здравје, за да може секој ден да продолжи напред.

„Барам и други работи, особено здравје, а за останатото, да ми бидат дадени можности да продолжам да се борам. Тоа е она што го сакам. Со здравје, немам проблем да се борам. Јас сум борец и се борам со сè, но со здравје“, рече селекторот.

Ова не е првпат 65-годишниот поранешен фудбалер и тренер отворено да зборува за својата вера. Пред Светското првенство, во интервју за мадридското списание „El Resurgir“, тој рече дека верата многу му значи.

„Ја живеам. Ми дава многу сила, многу сигурност и ми помогна да станам човекот што сум денес“, изјави Де ла Фуенте.

Во 2024 година, пред финалето на Европското првенство, тој пред новинарите рече: „Мојата вера е нешто лично, но и нешто што може да се пренесе. Јас сум слободен човек и можам да изберам како ќе живеам. Бог ми дава многу сигурност и многу сила.“

Тогаш појасни дека не се моли од суеверие, ниту само пред финале.

Во друга прилика, за шпанските медиуми изјави дека „не постои една, туку илјада причини да се верува во Бога“ и дека „без Бога, ништо во животот нема смисла“.

Иако неговите изјави предизвикаа големо внимание во јавноста, неговата вера не останува само на зборови. Тоа се гледа и во соблекувалната, каде што бил забележан како се моли, како и во црквите што ги посетува во градовите во кои патува.

Без оглед на исходот од финалето, во кое неговиот тим ќе се соочи со победникот од натпреварот меѓу Аргентина и Англија, Де ла Фуенте веќе сведочи за нешто многу важно за еден католик: дека верата не треба да се крие од срам или страв.

Тој покажува дека молитвата не е магична формула за победа, туку секојдневен однос со Бога, израз на благодарност, доверба и сила за животот.

Алетеја/к.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот