Свети Џон Хенри Њуман ќе биде прогласен за Доктор на Црквата

Свети Џон Хенри Њуман ќе биде прогласен за Доктор на Црквата

Во понтификатот на папата Лав XIV, за првпат е признат еден нов Доктор на Црквата. Станува збор за прво вакво прогласување од страна на овој Папа, кое следи помалку од три месеци по неговиот избор. Неговиот претходник, папата Фрањо, двапати ја додели оваа титула: на свети Григориј Нисабински во 2015 година и на свети Иринеј Лионски во 2022 година. Папата Бенедикт XVI, исто така, прогласи двајца нови Доктори на Црквата: света Хилдегард од Бинген и свети Иван Авилски, во 2012 година.

Со одлука на папата Лав XIV, британскиот кардинал Џон Хенри Њуман (1801–1890), англикански интелектуалец кој преминал во Католичката црква, наскоро ќе биде прогласен за „Доктор на Црквата“, според соопштението на Канцеларијата за печат на Светиот Престол од 31 јули 2025 година.

Оваа ретка и значајна титула — која досега ја носат 37 светци — се доделува на личности кои дале истакнат теолошки и духовен придонес за католичкото учење.

За време на аудиенцијата во четврток, 31 јули 2025 година, со кардинал Марчело Семераро, префект на Дикастеријата за прогласување на светците, папата Лав ја одобри одлуката на Конгрегацијата за прогласување на кардиналот Њуман за Доктор на Црквата. Краткото соопштение не содржи дополнителни информации за датумот на прогласувањето или за причините на ова признание.

Кардинал Њуман

Џон Хенри Њуман е роден во Лондон на 21 февруари 1801 година како најстар од шест деца. По студиите на Универзитетот во Оксфорд, во 1824 година е ракоположен за ѓакон, а една година подоцна и за свештеник во Англиканската црква. Во 1828 година станал парох на црквата „Света Марија Богородица“, универзитетска црква во Оксфорд.

Во 1833 година го објавил првиот од „Трактатите за времето“, иницирајќи серија теолошки списи со кои ги ширел идеите што подоцна ќе го оформат Оксфордското движење. Тоа движење се стремело за приближување на Англиканската црква кон католичките корени, изразувајќи критика кон нејзините протестантски влијанија.

Критичката мисла на Њуман за англиканската традиција особено била поттикната од учењето на свети Августин и неговата борба со донатистичката ерес.

Во 1841 година, неговиот „Трактат 90“, кој ја бранел тезата дека Англиканската црква има католички идентитет, бил осуден од страна на Универзитетот во Оксфорд, а бискупот од Оксфорд го забранил неговото понатамошно објавување.

Преминот во Католичката црква

Во 1843 година, Њуман се повлекол од парохиската служба. На 9 октомври 1845 година, бил примен во Католичката црква од отец Доменико Барбери, свештеник од Конгрегацијата Пасионисти. На 1 ноември, кардинал Николас Вајзман му ја поделил Светата Тајна Миропомазание во Оскот.

Во 1846 година отпатувал за Рим и стапил во Конгрегацијата на Ораториумот на свети Филип Нери. Таму бил ракоположен за католички свештеник на 30 мај 1847 година. Во 1848 година го основал првиот Ораториум во Англија, во близина на Бирмингем. Од 1851 до 1858 година, служел како ректор на Католичкиот универзитет во Даблин.

Како одговор на нападите врз неговиот интегритет од страна на англиканскиот свештеник Чарлс Кингсли, во 1864 година ја напишал „Apologia pro vita sua“, автобиографско дело кое доживеало голем успех и значајно го рехабилитира неговиот углед во британската јавност.

Во мај 1879 година, папата Лав XIII го именува за кардинал, иако Њуман никогаш не бил бискуп. Починал на 11 август 1890 година, во Еџбастон, во близина на Бирмингем.

Беатификација и канонизација

Процесот за канонизација започнал во 1958 година. Папата Иван Павле II го прогласил за „чесен слуга Божји“ во 1991 година. Папата Бенедикт XVI, кој имал длабока почит кон Њуман, лично ја предводел неговата беатификација на 19 септември 2010 година во Бирмингем.

Во проповедта, германскиот Папа го истакна значењето на Њумановите размислувања за односот меѓу верата и разумот, како и улогата на Откровението во културниот развој на општеството. Го пофалил и неговиот концепт за образование, кој оставил длабока трага во католичките образовни установи. Универзитетските центри „Њуман“ низ САД се места каде што католичките студенти се собираат на света Литургија и академски дијалог.

На 13 октомври 2019 година, папата Фрањо го прогласи за светец. Учењето на кардинал Њуман, како ревносен застапник за лаичкото образование, имало влијание врз документите на Вториот ватикански собор. Тој се смета и за значаен сведок на екуменскиот дијалог.

38-ми Доктор на Црквата

Со ова прогласување, Католичката црква брои вкупно 38 Доктори на Црквата, меѓу кои и четири жени.

Алетеја/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот