Свети Јоаким и Ана, родители на Пресвета Богородица

Свети Јоаким и Ана, родители на Пресвета Богородица

Ана беше во поодминати години и побожна Израелка од племето на Јуда. Природата не ѝ го даде она што се сметало за најочигледен и непобитен знак на Божјиот благослов и љубов во тоа време: дете. Поради нејзината неплодност, жртвата, која со голема побожност ја принел Јоаким, нејзиниот сопруг во Ерусалимскиот храм, била одбиена.

Болката предизвикана од ова отфрлање го потресла стариот Јоаким, тој ја напуштил куќата и земјата, и се повлекол со своето стадо во самотијата на  планините, каде што постојано ја оплакувал неговата несреќна судбина. Но, се чинело дека и на Ана, која била оставена сама на себе, иднината и носи само тага, солзи и неоставрливи молитви.

Но, еден ден им се прикажал ангел: прво на Јоаким, во пустина, а потоа и на Ана, за да ги извести дека она што е невозможно за луѓето е возможно за Бог, па така на Аниното крило, неплодно во поодмината старост, ќе му подари живот кој е најубав и најсвет од сите суштества: Марија, мајката на Исус – мајка на Месијата.

Јоаким, утешен со таа надеж, го собрал своето стадо и побрзал кон домот на Ана, со брзина и нетрпеливост на млад свршеник.

Средбата на двајцата стари брачни другари најдобро поетски е оtсликана од Џиото на ѕидовите на капелата Скровени, во Падова. Со нежна и слаба рака на старица, Ана ја гали белата брада на нејзиниот сопруг, која, како да затреперува под нежниот допир на саканата жена. Пиеро Баргелини пишува – ″Сета глетка зрачи со мирна доверба, среќно исчекување, тивко разбирање, во одмерените, но сепак истакнати движења на ликовите, што староста ги направила чесни, но, исто така, се чувствува пролетна атмосфера на чиста и блага, нежна и возвишена идила”.

Ана и Јоаким му ветија на Господ, доколку им даде дете, дека ќе биде посветено на Господ во храмот. Затоа малата Марија била одведена во храмот, на три години и била оставена таму, и така заветот бил исполнет.

Овој возвишен и необичен настан, кој ја вклучува мајката на самиот Исус, не се спомнува во Евангелието. Тој се спомнува во едно од апокрифните евангелија, кои Црквата не ги смета за инспирирани од Светиот Дух: Протоевангелието на Јаков. Таму е раскажана приказната за родителите на Богородица, насликана по примерот на сличен настан, во кој главниот лик е мајката на пророкот Самоил, која исто така се викала Ана.

Дали тоа значи дека сето ова е измислено? Невозможно е да се потврди, ниту пак да се побие. Секако, меѓу многуте елементи што и ги должиме на нашата имагинација, се провлекува јадрото на историската вистина, која се пренесува со древната усна традиција. Славењето на светите родители на Марија сигурно има долга традиција, особено меѓу Грците, и историски е потврдено во VI. век. Меѓутоа, на Запад, првите знаци на побожност се поврзани со Свети Ана и датираат од X век. Празникот во нејзина чест бил воспоставен во 1584 година.

Историјата на славење на Свети Јоаким е малку понеизвесна и помалку позната, а тој – се чини – дека бил во сенка до 1584 година, кога конечно бил вклучен во литургискиот календар. Бабата и дедото на Исус биле славени на одделни празници до 1913 година, кога се сметало дека е препорачливо да ги обединат во еден празник, одреден на 26 јули.

Покрај историските вистини за нивните човечки прилики, Ана и Јоаким станаа симбол на староста која се отвора кон плодноста на благодатта; старото стебло во кое Бог ги засади семето на верата и надежта, цвеќето на христијанската светост.

Името на Јоаким е од еврејско потекло и значи: Бог е силен.

Името Ана е од еврејско потекло и значи: онаа која се одликува со милост.

Свети Јоаким е заштитник на дедовците.

Света Ана е заштитничка на шивачките.

Извор: zupa-sveti-kriz-du.hr/Kате М.

 

Категорија: Вера, Сведоштва
Ознаки Ана, Јоаким

За авторот