Свети Силвестер, папа

Свети Силвестер, папа

Свети Силвестер, папа – роден како римјанин, ги прeживеал прогонувањата на христијаните за време
на императорите Аврелијан и Диоклецијан, но доживеал и слобода на христијанството за време на царот Константин.

Една година после Миланскиот едикт, односно во 314 година Силвестер е избран за Папа како 34 наследник на свети Петар, првиот Папа. Сите негови претходници на Петровиот престол биле маченици, иако сите не умреле директно од претрпени маки. Црквата ги слави како маченици, бидејќи живееле во период на мачеништвото, многумина за неа претрпеле, а повеќе и починале. Кога Црквата излегла од катакомбите, почнала со изградба на своите базилики и храмови, прекрасни простории за богослужба. Но, уште поважно од тоа била и внатрешната изградба на која светиот папа Силвестер се посветил со целото свое срце.

Царот Костантин во 320 година на Ватиканскиот рид над гробот на свети Петар ги поставил темелите на базиликата свети Петар; ги поставил темелите на базиликата на Светиот гроб во Ерусалим. Мајката на Константин, света Елена ја изградила црквата на Христовото раѓање во Витлеем; во Триер, во кралската палата, се градела двокорабна црква.

На Папата Силвестер му се припишува заслугата за изградбата на црквите: Света Агнеса, Свети Лаврентиј и Свети Павле надвор од ѕидините.

Прашањето за донатистите повторно се дискутирало во Римската синода. Во едно писмо бискупите се обраќаат до папата Силвестер со голема почит, но и со жалење ,бидејќи не бил присутен – односно не присуствувал во заклучоците. Уште поважен настан за време на понтификатот на папата Силвестер и на владеењето на царот Константин бил екуменскиот Собор во Никеја (во близина на Никомедија).

Никејскиот Собор бил настан со посебно значење. Причината била ересот на Ариј, презвитер од Александриската Црква, кој ја негирал вечноста на Словото, а Христос го смета за обично создание, а не за Син Божји. Соборот почнал на 25 мај 325 година во присуство на самиот цар Константин. Присуствувале околу 270 епископи – најмногу од источните провинции. Од западните провинции бил присутен еден бискуп од Калабрија и два римски свештеника. Папата Силвестер заради старост не бил присутен на Соборот.

Соборот траел околу еден месец и завршил со осуда на аријанизмот и на следбениците на Ариј. Учесниците го формулирале Никејското верување со кое се потврдува Божеството на Исус Христос. „… Единороден Син Божји, кој е роден од Отецот пред сите векови. Светлина од Светлина, вистински Бог од Бога вистински, роден, а не создаден, единосуштен со Отецот.“

Најверојатно папата Силвестер е првиот Папа кој носел тијара. Умира жалосен заради повторното зајакнување на аријанизмот и заради мешањето на Константин во црковната хиерархија. Полн со заслуга за Црквата, светиот папа Силвестер, починал на 31 декември 335 година. Официјално бил прогласен за заштитник од лепра.

Битно.нет/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот